Косово не учествуваше на Самитот во Охрид. Премиерот на Албанија, Рама отсуството на Косово го оцени како погрешно. Тој ги потсети тамошните власти дека многу пати седеле на иста маса со Србија и Босна, и покрај непризнавањето и дека тоа не би било прв пат.

„Во Софија, Лондон, Познањ, Трст, Париз, Брисел, Берлин, Виена, Драч, Скопје, Сараево, Улцињ. Колку што јас се сеќавам, властите на Косово беа на сите овие средби, а Србија и Босна го немаа признаено Косово. Но, тоа не беше пречка ниту за претседателот на Косово, ниту за премиерот да учествуваат и да зборуваат во име на Косово, рамноправно со другите“-изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Откако претседателот на Косово, Хашим Тачи вчера изјави дека одбил да учествува на охридскиот Самит, против оваа иницијатива излезе и лидерот на ДСК, Иса Мустафа. За него иницијативата за „мини шенген“ не е прифатлива бидејќи целта била создавање на нова мини- Југославија, со Албанија, без Словенија и Хрватска.

„Косово сега за сега не се граничи со ниту една земја- членка на ЕУ. Со овој договор, нашата сувереност би им ја предале на соседните земји, бидејќи како што е знае Шенген (мини или макси) значи сопствени политики на земјите- членки за слободно минување на границите, без контрола и тоа би важело и за мини- шенгенот на Србија и поддржувачите на нејзината хегемонија“-рече Иса Мустафа.

На ставот на Иса Мустафа, одговори премиерот Еди Рама, нагласувајќи дека не е ниту мини-Југословен, ниту голем Албанец, туку е граѓанин на Европа.

„Тој што зборува за повторното раѓање на Југославија, можеби е се уште поврзан со сеќавањата на Југославија. Јас немам никакви сеќавања од Југославија. А кој зборува за голема Албанија кога зборувам за укинување на границите меѓу Албанија и Косово, сега едноставно треба да молчи “-изјави Еди Рама, Премиер на Албанија.

Рама рече дека со Вучиќ имаат спротивставени ставови за Косово, но дека тие не треба да бидат пречка за слободата на граѓаните и економијата на земјите од Западен Балкан.

„Како што го напаѓаат Рама дека ќе биде во Југославија, што е смешно, мене пак ми велат дека создавам Голема Албанија. Секако дека имам спротивно мислење со Рама за прашањето за признавањето на Косово и 100 пати сум му го кажал тоа, и во Албанија и во Белград. Нема проблем, ние ќе го решиме тоа прашање, но ова нема никаква врска со тоа“-рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Следниот самит на лидерите од Западен Балкан ќе се одржи на крајот на декември во Драч, Албанија. Премиерот Рама рече дека верува дека Косово ќе има претставници, бидејќи на овој Самит присуството го потврди и високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

 

Мефаил Исмаили

Loading...

Shpërndaj me

Loading...