Борбата против корупцијата во светот речиси не напредува. Така е дури и во богатите индустриски земји во светот, покажува актуелниот индекс на корупција на Транспаренси Интернешнал.

Македонија на листата на Транспаренси Интернешнал е на 106 место, односно на скалата од 0 до 100 поени (притоа 0 значи најголем степен на корупција, а 100 поени – најмалку корупција) има 35 поени. Тоа е за два поена помалку во споредба со минатата година (во 2018 година имаше 37 поени; во 2017 година – 35 поени; во 2016 – 37 поени).

Од земјите во регионот годинава подобри од Македонија се Босна и Херцеговина и Косово со 36 поени, Србија со 39 поени и Црна Гора со 45 поени, додека Албанија има еднаков ранг, односно 35 поени.

Генерално, извештајот на Транспаренси Интернешнал (ТИ) покажува дека во голем дел од 180-те земји каде се правени истражувања, речиси нема напредок во борбата против корупцијата.

„Недостигот од вистински напредок е разочарувачки и има многу негативни последици за граѓаните ширум светот“, вели Патриција Мореира, раководителка на ТИ. „За да се запре корупцијата и да се подобри животот на луѓето, мора да ги напаѓаме врските помеѓу политиката и ‘високите финансии’.“

Јасни подобрувања нема дури ни во големите индустриски нации. Напротив, во четири од седумте држави на Г7 – Канада, Франција, Велика Британија и САД, ситуацијата е влошена. Германија и Јапонија се останати на исто ниво во споредба со 2018 година, а Италија е малку подобро рангирана.

На ранг-листата што организацијата Транспаренси Интернешнал ја прави секоја година, овојпат најдобри се Данска и Нов Зеланд со по 87 поени, а потоа следува Финска со 86 и Сингапур, Шведска и Швајцарија со 85. Германија е на деветтото место и има 80 поени.

Она што е важно е дека ТИ ја мери перцепцијата на корупцијата во економијата, политиката и администрацијата, а бодовите за одделни земји се даваат врз основа на она што во испитувањата го кажуваат експерти и лица на раководни позиции.

Најслаби резултати од вкупно 180-те земји имаат Сомалија, Јужен Судан, Сирија и Јемен. „Во овие земји владее немир, насилство и војна“, вели за ДВ Марва Фатафта, советничка на ТИ за Блиски Исток и Северна Африка. „Тоа ја покажува јасно поврзаноста на корупцијата со нестабилноста.“

Сепак, иако глобално погледнато речиси и нема напредок, луѓето протестираат против корупцијата и ги ставаат владите под притисок. „Прилично сум сигурна дека во иднина ќе има промени“, нагласува Фатафта и додава: „Протестите покажуваат дека луѓето не попуштаат во барањата на своите права.“ /DW/

Loading...

Shpërndaj me

Loading...