Од вторник граѓаните нема да можат да плаќаат со книжните банкноти од 10 и 50 денари. Во прометот ќе се прифаќаат само нови полимерни банкноти со оваа вредност. Замената на постоечките хартиени со нови полимерни, ќе ја вршат деловните банки во земјава од 15 мај годинава до 15 мај 2019, а по овој период тоа ќе се прави во Народната банка. Металните монети од 10 и 50 денари остануваат во промет.
Но, голем дел од граѓаните не се информирани дека од вторник нема да можат да плаќаат со книжните банкноти од 10 и 50 денари.

Дали знаете дека од вторник во промет ќе има нови пари? Дали ги заменивте?

“Не, не воопшто не знаеме, немаме таква информација.”

“Не, не, само од вас, еве вака.”

“Не, не сме слушнале.”

“Немам такви јас, туку да ги зголемат пензиите”, велат граѓаните

Имате ли хартиени 50-ки и 10-ки. Дали ги користите?

“Немам, не.”

“Ние не можеме со железните ништо да направиме, а камоли со пластични.”

“Сум имал хартиени, секакви пари, се трошат”, oдговорија граѓаните

Народната банка уште мината година најави дека ќе се печатат нови банкноти од 10 и 50 денари, кои годинава ќе ги заменат хартиените. Воведувањето на новите пари од централната банка го објаснуваат со фактот што полимерните банкноти потешко се оштетуваат за разлика од постоечките, и имаат многу подолг век на траење.

Тие ќе може да се користат за готовински плаќања, како и за плаќања преку автоматите за храна, пијалоци и друга наплата, но откако фирмите што ги инсталираат овие автомати во Македонија ќе ги приспособат софтверите на полимерните банкноти.

Со производството на банкноти од полимер, сметаат од НБРМ, не само што се редуцираат трошоците на централната банка, туку се придонесува и за заштита на животната средина. Книжните 10-ки и 50-ки се користат од 1993 година.

Александра Спасевска

Shpërndaj me