Жителите на струшко Лабуништа се закануваат со тужба против државата пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбург. Обвинуваат дека не можат да си го остварат елементарното човеково право да дишат чист воздух. Неколкуте каменоломи, дел од нив сместени на само десеттина метри од некои од куќите, го прават животот овде буквално неподнослив, се жалат селаните.

„Ние бараме комплетно затворање на сите каменоломи или дислокација што е еден од предлозите на градоначалникот Мерко, што за нас е и тоа решение. Имаме некои барања за бојкот на наставата, за блокирање на град Струга, а можеби и граѓанска непослушност“, изјави Алим Салоски-претседател на еколошко друштво Натуралаб.

Следната недела граѓаните од Лабуништа очекуваат средба со премиерот Заев, по што ќе одлучат за следните чекори кои ќе ги преземат. Некои од нив би можеле да бидат и порадикални.

„Можам слободно да препорачам дека околу 90% од населението во Лабуништа, ако не и 100% ќе ги бојкотираат изборите, а може да дојде и до целосна граѓанска непослушност. Веќе е прелеана чашата, а друга тема во Лабуништа освен каменоломите нема, затоа што директно удира по здравјето на нас и нашите деца“, рече Недим Мехмедоски, Совет за спас на Лабуништа.

Лекарите објаснуваат дека последните години драстично е пораснат бројот на заболени граѓани од овој регион од рак на дебелото црево, желудникот и панкреасот.

„Катастрофа голема направија. Ова ќе се оди и понатаму. Ќе се бојкотираат и учениците и гласањето. Инаку отров е. 60% се заболени децата од каменоломите. Да знаете колку куќи се испукани“.

„Детонациите ги има, се тресат куќите од нив во долниот дел. Кога ќе минираат куќите се тресат“.

„Зошто Владата не презема мерка не знам. Ова е за срамота што се прави. Видете какви сме од прашината. Не можам 20 метри да се искачам од прашината. Никој не презема мерки. Кога ќе му требаат гласови тогаш доѓаат, само грешка наша е што излегуваме на гласање.“

По неодамнешните инспекциите на државата, затворен бил само еден каменолом. Другите продолжуваат со работа.

„Кај еден концесионер беше утврдено дека има услови за едностран раскин на договорот за концесија и таа концесија е веќе одземена, додека кај другите утврдени се прекршоци и изречени се глоби, но според видот на утврдените неправилности, тие не се основ за раскин на договорот за концесија согласно одредбите од Законот за минерални суровини“, велат од Министерство за економија.

На територијата на општина Струга доделени се вкупно 21 концесија за експлоатација на минерални суровини, од кои шест се во Лабуништа, но локалните жители тврдат дека се копа на дури девет места.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...