Тестовите за бременост работат со детекција на присуството на хормонот (hCG), односно хуманиот хорионски гонадотропин. hCG е хормон произведен од клетките во плацентата. Неговото производство започнува од моментот кога ембрионот се закачува во матката, поточно 6-12 дена по зачнувањето, пишува „енаука“.

Примарната улога на hCG е да ја поддржи функцијата на corpus luteum (жолто тело), привремената структура во јајниците. Corpus luteum е од суштинско значење за време на бременоста. Тоа телце ги произведува важните хормони, естроген и прогестерон.

Прогестеронот e oсобено важен бидејќи го релаксира мускулниот ѕид на матката и го подготвува нејзиното ткиво, така што ембрионот може полесно да се имплантира. Естрогенот е клучен за развој на фетусот, стимулирајќи го растот на органот, како и задебелувањето на матката.

Концентрацијата на hCG се зголемува од зачнувањето, а пикот е помеѓу 8-11 недели по зачнувањето. Првите неколку дена по зачнувањето, нејзините нивоа може да бидат премногу ниски, за да би се откриле на тестовите за бременост. По имплантацијата, нејзините нивоа се удвојуваат, приближно на секои 48 часа, што го прави многу полесен за детекција.

hCG се елиминира од мајчиното тело преку урината, и токму поради тоа урината претставува главниот биолошки материјал за успешна детекција, односно главен принцип кој го применуваат тестовите за бременост. Тестовите за бременост се состојат од пробна зона, зона на контрола и зона на реакција. Урината се аплицира на тест лентата.

Првата област што ја достигнува е зоната на реакција. Ако hCG е присутен во урината, токму на тоа место се врзува за протеини наречени антитела. Овие антитела содржат ензим кој учествува во понатамошните реакции долж тест лентата.

Пробната зона пак, содржи различни антитела, од мобилни антитела кои се движат и неподвижни антитела кои се прикачени на лентата и не се во состојба да се движат. Овие антитела, исто така, се врзуваат за hCG, создавајќи сендвич, односно hCG се наоѓа помеѓу двете различни антитела.

Ензимот на мобилните антитела предизвикува промена на бојата на пробната лента. Оваа линија се појавува само ако урината содржи hCG и може да покаже дали жената е бремена. Ако нема hCG, мобилните антитела само пловат и не се прикачуваат.

Дигиталните тестовите за бременост станаа се почести во изминативе години. Иако може да изгледаат различно од надвор, тие функционираат на сосема ист принцип. Тие едноставно користат сензор за откривање на промените на бојата, како и одредување дали на екранот се прикажува дали жената е бремена или не.

Дали жената е бремена или не, на тестот се појавува и друга линија, што е позната како контролна проба. На тоа место повеќе неподвижни антитела се врзуваат за вишокот на мобилни антитела кои не го земале hCG и продолжиле да патуваат по лентата. Повторно, ова предизвикува промена на бојата. Ова докажува дали тестот правилно функционира.

Извор: енаука.мк

Loading...

Shpërndaj me