Истражувачите од Универзитетот во Нов Јужен Велс, Австралија ја разрешија долгогодишната расправа за тоа како мозокот го балансира слухот помеѓу ушите, што е од суштинско значење за локализирањето на звукот, слушањето во бучна средина и заштитата од оштетување.

Истражувањето исто така дава нов увид во губењето на слухот и веројатно ќе ги подобри кохлеарните импланти и слушните помагала.

Професорот Гери Хаусли и неговиот тим се обидувале да го разберат биолошкиот процес зад контролата на слухот, па така направиле едно истражување на глувци.

„Балансирањето на слухот помеѓу двете уши и начинот на кој ги разликуваме звуците од бучавата зависат од нервниот оливокохлеарен рефлекс кој го поврзува ушниот полжав (кохлеа) на секое уво со слушниот контролен центар на мозокот. Досега не знаевме потполно што прави тој рефлекс“, вели Хаусли.

Нашиот слух е многу чувствителен, а тоа се должи на „засилувачот“ во нашето внатрешно уво, односно влакнестите клетки во ушниот полжав кои ги засилуваат звучните вибрации. Кога интензитетот на звукот се зголемува, нервниот рефлекс го намалува засилувачот за да го балансира увото за оптимален слух, да го локализира звукот и да го заштити увото. Надворешните влакнести клетки кои ги засилуваат звучните вибрации, исто така го спроведуваат сензорниот сигнал до мозокот за да даде повратни информации, преку мала група на слушни нервни влакна на кои претходно функцијата им била непозната.

Кај глувците кои немале поврзаност на сензорните влакна со надворешните влакнести клетки, гласните звуци на едното уво немале ефект врз чувствителноста на другото уво, додека кај нормалните глувци тоа веднаш предизвикувало супресија на звукот. Слично на тоа, нервниот оливокохлеарен рефлекс веднаш го намалувал слухот при гласни звуци кај едното уво кај нормалните глувци, а таа адаптација не била присутна кај глувците кои немале поврзаност на сензорните влакна.

Научниците претпоставуваат дека губењето на слухот со текот на годините е поврзано со постепеното прекинување на оваа поврзаност на сензорните влакна со надворешните влакнести клетки.

„Една од главните ограничувања на досегашните слушни помагала и кохлеарни импланти е нивната неспособност да работат во тандем и притоа да обезбедат добар слух во бучни средини. Крајната цел е имплантите во двете уши меѓусебно да комуницираат за мозокот да го добива најточниот можен звук. Ова истражување ќе ни помогне да го постигнеме тоа“, истакнуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.

Извор: енаука.мк

Loading...

Shpërndaj me

Loading...