Иако пред пет години беше најавено дека Чаир ќе биде првата општина во Скопје која ќе биде целосно гасифицирана, се уште не се знае кога гасот ќе стигне до домаќинствата. Засега, овој енергенс ќе го користат само општината, едно училиште и една градинка. Градоначалникот Висар Ганиу не знае за колку време Чаир целосно ќе биде гасифициран, бидејќи тоа не зависи само од општината. Побарале информација од Владата како да се гради секундарната мрежа во општината, дали со приватно партнерство или со друга институција.

„Јас мсилам дека во текот на оваа година најмалку што може да направиме да бидеме средени со техничка документација, за догодина да почнеме и домаќинствата да ги снабдуваме со гас“, рече Висар Ганиу, градоначалник Чаир.

Градоначалникот Ганиу не гледа прекршување на изборната кампања со тоа што општината решила токму денеска, еден ден пред да започне изборниот молк да се потпише договорот со Га – Ма за приклучок на гас на административната зграда на општината,  детската градинка „Снежана“ и на основното училиште „Исмаил Ќемали. Вели дека овој проект на општната не е поврзан со изборите, а проектот бил одамна најавен.

„Не верувам дека е прекршување, ние ова го најавивме одамна, но денеска е моментот што го поптишуваме, и ова е локално за нас и не би требало да влијае на претседателските избори“, оцени Ганиу.

Според извршниот директор на ГА-МА, Ратко Манов повеќе од една деценија безуспешно се прават напори за да се изгради секундарна дистрибутивна мрежа за гас во Скопје. Очекува овој проект да се активира во иднина, а Владата да помогне во реализација. Засега искористеноста на гасоводот е само 32 проценти. Во однос на решението за спорот помеѓу Владата и Макпетрол за сопственоста на ГА-МА, директорот Манов кажа дека двете страни се седнати на маса да го решаваат проблемот кој што се провлекува повеќе од една декада. Не кажа дали наскоро ќе има исход.

Макпетрол и Владата повеќе од 13 години водат судска псотапка за сопственоста на ГА-МА. Пред два месеци Макпетрол побара вонсудски двете страни да се договорат да останат сопственици 50:50 на ГА-МА. За ова барање Владата се уште чека информација од Државното правобранителство.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...