Премиерот на Албанија Еди Рама најави дека Тирана ќе се спои со автопат со Македонија. Рама истакна дека за помалку од две години ќе биде готов „Патот на Арбер“ кој започнува во главниот град на Албанија, а завршува кај граничниот премин Блато во близина на Дебар. Со ова, и двете соседни држави, Косово и Албанија ќе имаат автопат до Македонија. Од македонска страна пак, до Дебар нема да има автопат. Надлежните одговорија дека за земјава не е исплатливо да се гради автопат бидејќи засега нема економска логика.

Министерство за транспорт и врски:

„Меѓународните стандарди налагаат да се гради автопат само доколку на делницата дневно поминуваат повеќе од десет илјади возила. Засега на патот кон граничниот премин Блато во близина на Дебар сообраќаат значително помал број на превозни средства. Инаку, во програмата за 2020 година предвидено е да се реконструира регионалниот пат кон води кон овој граничен премин.“

Сепак, албанскиот премиер Еди Рама на социјалните мрежи соопшти дека „Патот на Арбер“ ќе биде готов до 2021 – та година. Вели дека автопатот во Албанија се гради преку Јавно приватно партнерство. Патувањето од Тирана до македонската граница ќе биде скратено за повеќе од 100 километри.

„Продолжува изградбата на „Патот на Арбер“ кој ќе  биде изграден не само за жителите на Пешкопеја. Тој е за сите Албанци. Исто така ќе привлече и многу туристи кон природните убавини на Пешкопеја, кои се уште еден дел од непознатите фасцинантни убавини на Албанија“, рече Еди Рама премиер на Албанија.

Инаку, делница која води до граничниот премин Блато, во минатото помпезно се најавуваше, а беше и редовно изборно ветување на Демократската унија за интеграции. Автопатот „Патот на Арбер“ пред речиси три години го најави премиерот на Албанија Еди Рама на „Самитот 100“ во Скопје. Што се однесува до автопатско поврзување со Косово, засега од македонската страна е објавен тендер за избор на изведувач на само 2,5 километри од делницата долга околу тринаесет километри. Инаку, од Приштина до Блаце веќе има автопат кој е пуштен во употреба.

Иле Петревски

 

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...