Невработените лица кои ќе се преквалификуваат со вештини за ИТ секторот преку  владините мерки, да не очекуваат дека по неколку месечна обука ќе ги чека работа која е платена над илјада евра месечно. Од  Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии се децидни, доколку недостасува претходно соодветно образование, обуката  може да создаде само помошен кадар за во компаниите, а не напредни позиции како  ИТ инженери, профил кој најмногу недостасува во овој сектор.

„Најмногу кадар кој недостасува се сениор инженери, а сениор инженери со обуки не се постигнуваат. Не велам дека обуките се лоши, но работното искуство се добива после пет, шест, седум години работа, а не со обука. Да се балансира очекувањето кај компаниите, да знаат дека тие нема да добијат спремни инженери што завршиле во високообразовна институција. Бидејќи логиката која се учи низ тие три или пет години на тие факултети во ниту еден случај не може да се пренесат за три до шест месеци“, рече Анита Никова Бундовски, извршен директор на МАСИТ.

Без одлично познавање на математика и логика не може да се биде дел од оваа индустрија, вели Никова и додава дека доколку не се познава англискиот јазик на едно повисоко ниво, проблем за кандидатите може да биде и првиот час на курсевите. Планот на владата е обуките да важат само за невработени лица, но од комората сметаат дека ваквите обуки многу повеќе ќе им помогнат на оние кои веќе работат во ИТ компанија.

„Мерката да се рашири и за луѓе кои се вработени, да не остане само за лица кои не се вработени. Со што сметаме дека целокупниот квалитет на висококвалификувана работна сила во државата ќе се подигнува постојано. И ќе одиме кон еден тренд кога од трудоинтензивните можеби дел од луѓето би се префрлиле во ИТ индустријата“, додава Анита Никова Бундовски, извршен директор на МАСИТ.

Викендов, од владата најавија дека млади невработени лица до 34 години, ќе може да се пријават на обуки за ИТ вештини кои потоа ќе конкурираат за вработување во овој сектор. За оваа намена од државната каса ќе се издвојат 35 милиони денари кои според надлежните се доволни за преквалификација на над 1.200 лица. Во ИТ секторот во земјава има над две илјади компании во кои работат речиси 15 илјади лица. Целокупниот бизнис на ИТ индустријата се проценува на нешто под едена милијарда евра.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...