Капетанот на авионот на компанијата „Етиопиан ерлајнс“, кој во неделата се урна неколку минути по полетувањето, кога загинаа сите 157 патници и членови на екипажот, се соочил со проблеми веднаш по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба, пренесува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори од контролата за летови.

„Дефект, дефект, барам дозвола за слетување“, рекол капетанот со вознемирен глас само три минути по полетувањето.

Контролата на летање забележала дека со авионот нешто не е во ред кога инструментите покажале дека за растојание од 30 метри авионот драстично ја менувал височината, движејќи се горе-долу.

Извештајот за комуникациите во кокпитот фрла ново светло на последните минути пред падот на авионот. Оваа несреќа која доведе до приземјување на овој тип авиони („Боинг 737 8 макс“) во светот е втора за помалку од пет месеци.

Регулаторните тела во САД и Канада изнесоа мислење дека сличниот образец на траекторијата на движење кај двата авиона непосредно пред несреќата се возможен индикатор за заеднички проблем кај овие летала.

Анализата на податоците од последните моменти на летот 302, открива и тоа дека пилотите дискутирале за „опасно големата брзина на авионот“ непосредно по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба. Биле збунети што радарските податоци покажувале дека леталото забрзувало повеќе од вообичаеното, од сѐ уште непознати причини.

Летот 302 бил во воздухот три минути кога почнал нагло да забрзува. Пилотите веднаш добиле дозвола за враќање на аеродромот. Авионот свртел кон десно, но притоа и понатаму се искачувал. Една минута подоцна исчезнал од радарот.

Трагедијата веднаш е споредена со падот на другиот „боинг 737 макс 8“ во ноември, сопственост на компанијата „Лајон ер“, во Индонезија. Тогаш животот го загубија 189 лица, а авионот се урна во 13-тата минута од летот. И двата авиона паднаа непосредно по полетувањето и двајцата капетани побарале враќање на аеродромот. Исто така, двјцата пилоти се мачеле да го контролираат леталото. Можноста дека се работи за слична причина ги поттикна регулаторите да се приземјат сите авиони „Боинг 737 макс 8“.

Истрагата за трагедијата во Етиопија сѐ уште е во рана фаза и регулаторните тела за безбедност нагласуваат дека е рано за извлекување какви било заклучоци. Црната кутија и останатите податоци за летот се веќе пристигнати во Франција, каде што ќе се изврши нивната анализа.

Loading...

Shpërndaj me



Loading...