Во Исланд започнува нов проект за дупчење надолу во стопената магма која тече низ вулканите, со цел за создавање на нов моќен одржлив извор на енергија.

Иницијативата вклучува ископување на дупка длабока 5км во југо-западниот дел на Исланд, која до крајот на оваа година се предвидува дека ќе стане „најжешката дупка во светот“ со температура помеѓу 400 и 1.000 степени Целзиусови.

Тоа е доволно за да се генерира „суперкритична пареа“, што експертите проценуваат дека може да генерира до 50 мегавати на електрична енергија – што ја прави 10 пати поефикасна од традиционалните геотермални извори.

Геотермалната енергија е присутна со децении и вклучува дупчење во природната топлина складирана во внатрешноста на Земјата, која ги придвижува турбините и произведува електрична енергија. Особено во Исланд, кој е познат по своите геолошки активни топли извори, повеќе од една четвртина од земјата се напојува со геотермална енергија, а остатокот со хидроелектрани.

Идејата за овој проект всушност произлегла од една грешка во 2009-тата година, кога „IDDP“ случајно продупчил резервоар со магма на околу 2км под површината, додека се обидувале да ја постават традиционалната геотермална пумпа.

Како експеримент, тие истуриле вода во дупката за да видат колку енергија би можело да се создаде, и притоа ја создале најмоќната геотермална пумпа досега, која произведувала 30 мегавати на електрична енергија. Проектот траел кратко, со тоа што бил поставен само како експеримент, но тимот се надева дека новиот обид ќе биде повеќе одржлив.

Дупчењето на новата дупка започна на 12-ти август во геолошки активниот регион на Исланд „Reykjanes“. Истражувачите се надеваат дека ќе стигнат до Средно-атлантскиот гребен – големата граница помеѓу тектонските плочи на Земјата – каде што магмата ја загрева морската вода до температури до 1.000 степени Целзиусови.

„Луѓето дупчеле во тврди карпи на оваа длабочина, но никогаш досега во систем на течност како овој“- изјавува Алберт Албертсон, помошник директор на „HS Orka“- компанија за геотермална енергија во Исланд.

Не само што таму доле водата ќе биде супер жешка, туку има и многу голем притисок, што тимот очекува дека ќе генерира „супер критична пареа“- состојба на материјата кога не е ниту гас ниту течност, и одржува многу повеќе топлинска енергија од било што друго.

Овој тип на пареа може да има капацитет на енергија од 50 мегавати – што е околу 10 пати повеќе од 5-те мегавати капацитет на геотермалниот извор. Да се стави ова во перспектива, тоа значи дека може да се напојуваат 50.000 домови, наспроти 5.000 од една геотермална пумпа.

Сепак, ова е само една теорија. Дупката се очекува да биде издупчена до крајот на годината, и во текот на месеците што следат ќе имаме претстава за тоа колку електрична енергија може да се произведе од еден ваков извор.

Доколку успее, ќе биде возбудливо и за други региони во светот кои имаат своја група на млади вулкани, како што се Јапонија и Калифорнија.

Извор: енаука.мк

Loading...

Shpërndaj me

Loading...