Власта и опозицијата се судрија денеска во Комисијата за политички систем околу Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците. Пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили најави амандманите и за овој, но и за Законот за употреба на јазиците, иако тој е на сила веќе осум месеци. Во Законот за употреба на јазиците ДУИ ќе бара да се прецизираат институциите кои се должни да го применуваат, а во однос на Инспекторатот, предлагаат казните да ги изрекува самиот Инспекторат, а не и Судот.

„Членот 24 има три алинеи, а во последната, предлогот е за прекршувањата на овој закон прекршочната постапка да ја води надлежниот суд. Зошто тогаш создаваме Инспекторат? Зошто оваа надлежност да не ја има Инспекторатот? Знаеме дека ако нешто оди на суд, има шанси да се пролонгира постапката за која инспекторатот веќе утврдил дека има прекршување“, изјави Реџаил Исмаили од ДУИ.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ реагираа велејќи дека власта брза и донесува закон чии членови не се точно дефинирани, а исто така најавија амандмани за членовите во кои се утврдува назначување и разрешување на директорот и на инспекторите.

Пратеникот Реџаил Исмаили, рече дека донесувањето на законот не е избрзано, туку во роковите предвидени со Законот за употреба на јазиците .Според него, дури има и доцнење, затоа што Законот за јазиците не може целосно да се спроведува, се додека телото што треба да ја обезбеди негоавата употреба не е основано. Законот за инспекторатот ја помина првата фаза на Комисијата. Инспекторатот треба да започне со работа најмалку една година по стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците, односно до 15 јануари 2020 година.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...