Неколку десетици граѓани од земјава ги паркираа своите стари, но добро сочувани автомобили на калдрмата пред бараките на Општина Центар. Таканаречените олдтајмери преку целиот ден привлекуваа многу внимание од минувачите кои пак, се фотографираа со возилата кои за момент може да не вратат во едно друго време.

Сопственикот на еден стар „опел“, произведен пред 70 години, вели дека го поседува четири години. Реконструкцијата траела две години, а го чинела цели 30 илјади евра.

„Сите делови ги донесов од Германија. И гуми и мотор и штрафови, моторот е ремонтиран бидејќи стариот не беше добар. Не би го дал ни за 100 илјади евра“, вели Мустафа Хашим сопственик на возилото.

Кадилак, стара Буба, неколку Мини Мориси , но и Фиќо, кое навистина пленеше со својот изглед . Ова беа и останатите олдтајмери кои беа дел од денешната изложба на колекционерите во Скопје. Овој теренец можеме да го видиме и во некој од играните филмови кои се снимаат не само во земјава туку и во регионот.

„Сто евра е дневница да стои, едно евро е километар, возење на планиски предели две евра километар, плус гориво, сместување за возачот, сами не може да го возите треба обука, можно е да се расипе нешто па затоа и јас одам секаде со него кога е најмен“, вели Љубе Дамевски, сопственик на возилото.

Иако повеќето од овие возила поминале на технички преглед и имаат соодветна регистрација, во градските средини може да се возат само во текот на викендот, кога нема многу сообраќај. Инаку, вакви изложби на стари возила во земјава се одржуваат неколку пати годишно.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me