Новиот Закон за извршување не е ретроактивен иако власта тоа го најавуваше и ветуваше. Невладините се жалат дека извршителите ги пуштиле сите предмети кои биле заглавени по фиоките сè со цел да се наплати по старите повисоки тарифи кои ги предвидуваше претходниот закон. Сега стигнуваат сметките за наплата.

Сите фактури, сите предмети кои ги имаат, беа во дослух со претставници од министерствата и точно знаеја каков е законот дека нема да важи ретроактивно, иако ни беше ветувано дека ќе биде ретроактивен законот. За да ги фатат старите тарифи, за да го фатат стариот Закон за извршување сите предмети ги пуштија во оптек и сега граѓаните се најдени во небрано – рече Марјан Ристески, иницијатива „Стоп за извршителите“.

Од Министерство за правдаја потврдуваат ваквата ситуација, иако велат дека главна цел на измените на законот било да се намалат трошоците во постапките пред извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци.

Сите предмети за кои се преземени дејствија и се започнати според новиот Закон за извршување, се пресметуваат според новата тарифа која Министерството за правда ја пропиша. Старите предмети за кои не биле започнати дејствија за извршување, исто така се пресметуваат според новата тарифа. Но, доколку извршителот започнал дејствија за извршување според стариот закон, тогаш и пресметката се вршела според старата тарифа – Mинистерство за правда.

Како потврда за обвинувањата Ристески пред камерата на Алсат извади извршно решение во кое се гледа дека за долг од илјада денари, извршителите бараат да се плати речиси десет илјади денари. Невладините сега бараат средба со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, да побараат нов закон за извршување кој ќе биде во интерес на граѓаните. Во јавноста најжестоки реакции имаше откако се појавија случаи каде за долг од еден денар, извршителите од граѓаните бараа да платат огромни камати кои надминуваа и двесте евра.Од Комората на извршители не добивме одговор бидејќи ни соопштија дека се презафатени со обврски. Но, неофицијално, во телефонски разговор се пожалија дека со новиот Закон за извршување е неисплатливо да се работи.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...