Ако Уставен реши да го запре референдумскиот процес, Македонија ќе влезе во нова политичка криза. Ова е ставот на поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски. В среда судот треба да ги разгледува иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на собраниската Одлука за распишување референдум, поднесени од партијата Левица и од Светскиот македонски конгрес.

„Дрзнувањето да се оди на попречување на референдумот, референдум кој по својата содржина не значи обична работа, уште повеќе, имајќи во предвид во каква фаза се одвива, мислам дека таквото дрзнување на Уставниот суд би водело во една длабока политичка криза, рушење на државата и мислам дека треба да се изнајдат сили, свесни, во самиот Уставен суд, тоа да не се допушти“, рече Ивановски.

Во иницијативата од Левица наведуваат дека Одлуката на Парламентот за референдумот е противуставна и спротивна на Законот за референдум бидејќи овој документ ги немал сите потребни делови. Од Левица наведоа дека референдумското прашање е манипулативно и повеќезначно. Освен тоа, референдумот се однесува и на сојуз со Европската унија што подлежи под други правила за одлучување. Но, според Ивановски, тоа би било така ако референдумот бил за зачленување во Европската унија.

„Овој референдум, во конкретниот случај, не е референдум за зачленување во НАТО и Европската унија, туку само е за создавање услови за зачленување во НАТО и ЕУ. Во такви случаи треба да се ценат темелните приципи на Уставот кои се малку пошироки отколку едно тесно сфаќање за некаква формална повреда во дел на една постапка“, додава Ивановски.

Сепак, Ивановски вели дека не би го изненадила било каква одлука на Уставниот суд. Инаку, судија известител за иницијативата е Елена Гошева, која, според дел од медиумите, веќе предлага Уставниот суд да изрече времена мерка – стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...