Набавката на нов луксузен автомобил на Општина Струга вреден 67 илјади евра, министерот за локална самоуправа Сухеил Фазлиу ја оцени како грешка, и најави дека ќе се обиде да ја поправи. Министерот Фазлиу вети дека ќе оди во Струга да поразговара со градоначалникот Рамиз Мерко и лично да се информира за набавката на обновениот возен парк на оваа локална самоуправа. Вели дека Владата нема моќ да му наложи на градоначалникот Мерко да се откаже од новото службено возило.

„Тој буџет и таа набавка поминале во Советот каде гласало мнозинството и изгласало. Доколку приметиле недолично однесување, или ако се работело за луксузирање, советниците можеле да ја стопираат. Друг механизам не постои“, рече министерот Фазлиу.

Алсат неколку пати се обиде да стапи во контакт со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, но неговиот мобилен телефон со часови беше исклучен. Како и да е, ставот на Мерко по ова прашање е веќе познат. Новото возило за него не претставува луксуз. Дополнително, во медиумите тој се шегуваше дека требал да купи поскапо возило, како што прилега на еден градоначалник. Ресорниот министер Фазлиу пак повторно најави дека очекува Антикорупциска и Државниот завод за ревизија да ги прочешлаат финансиските извештаи не само на Струга, туку и на сите локални самоуправи и да проверат дали транспарентно се трошеле јавните пари.

„Барам од градоначалниците да бидат поодговорни, се работи за сите општини кои се во долгови. Ние сме им пружиле рака за да излезат од тешката ситуација, затоа тие треба средствата одговорно да ги користат, инаку ќе се остави впечаток на злоупотреба. Барам одговорност и транспарентност од нив“, додава министерот Фазлиу.

Министерот  Фазлиу денеска немаше информации до каде е процесот на раздолжување на општините, со пари кои Владата им ги поклони бидејќи не ги искористи за реализација на ланските предвидени капитални проекти. Конкретно, Струга е во минус од четири милиони евра, а службените возилата на општината стари девет години ги замени за нови со што потроши дополнителни 100 илјади евра. Кога власта реши да го преполови долгот на сите општини каси, тој изнесуваше околу 100 милиони евра. Инаку денеска од владата најавија дека биле подготвени 43 проекти за рамномерен регионален развој за кои ќе се потрошат речиси пет милиони евра, пари од државната каса.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me