Невремето ги уништи посевите во струмичко, а Министерството за земјоделство допрва ќе анализира каква заштита од град ќе се воведе. Земјоделците веќе неколку години бараат да се вратат градобијните ракети за да се намалат штетите од град. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели допрва ќе се мапираат точките каде најмногу е потребен ваков систем. Министерството ќе бара пари за да воведе нов, но не се знае кога тоа ќе биде.

„Министерството ја прави тендерската, правна постапка заедно со Генералниот секретаријат на Влада за да може еве во овој период низ постапката да искочи со клучниот модел и се надевам дека за следната година ќе бидеме во една понапредна фаза“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Николовски тврди дека невремето кое што го зафати струмичкиот регион викендов направило штети, но не со алармантни последици. Голем дел од земјоделското производство било под фолии. Колкава е штета ќе утврдат комисиите.

„Без да ги имаме овие податоци не можеме да зборуваме ниту за импликациите ниту за површините, ниту за импликациите какви ќе бидат. Мислам дека имавме досега добра година за земјоделците, мислам дека ќе имаме добро производство и нема толку да биде рефлектирано на извозот“, вели Николовски.

Министерот информираше дека се превземаат мерки на долг рок за заштита од климатските промени. Инсталирани се метолорошки станици во Кочани, Градско и Струмица, обновен е радарскиот систем во Ѓуриште, а работат на мобилна апликација како да ги информираат земјоделците за временските непогоди. Инаку, градобијниот систем кој сега го имаме не работи со години. Радарите во Ѓуриште и Тополчани кои ја покриваат цела Македонија се во функција само за навремено следење на состојбите и информирање на земјоделците, но не и на превенција.

Александра Спасевска

Shpërndaj me