Во својата колумна за Дојче Веле, политичкиот аналитичар и поранашен амбасадор на Македонија во ОБСЕ, Арсим Зеколи, ги коментира своите ставови околу престојниот референдум, преку анализа на можните опции ставени пред секој граѓанин на Република Македонија.

Зеколи вели дека опцијата „за“ за него е неприфатлива изнесувајќи неколку аргументи:

Првата причина е интуитивна реакција на отворената манипулација на протнување на Договорот „на мала врата“ преку експлоатација на поддршката на граѓаните за ЕУ и НАТО. Втората причина е што и покрај сите уверувања дека доволно е да се прочита Договорот за да се потврди дека идентитетските прашања се неоспорени, остануваат редица недоречености засновани на претходните искуства. Сметам дека е доволно да потсетам дека и Рамковниот Договор беше релативно јасен во неговата пишана форма. За потоа и оние кои навреме го имаат прочитано и оние кои и ден денеска го немаат видено да се уверат во практичните и тегобни последици на пишаните гаранции и кариеристичките експлоатации на потписниците. Затоа, со оглед на каскадните изјави давани од оваа влада (слично на претходната), треба да се укаже дека најслабата алка во Договорот не се недоречените параграфи и членови, туку лабилноста на ставовите на потписниците…

За екс-амбасадорот во ОБСЕ неизвесни се и однесувањата и принципите на Грција, која во случајов го има последниот збор при исполнување на договорот, но и адут кога се во прашање интеграциите во ЕУ и НАТО.

Заладувањето на односите на Турција и САД, како и традиционалните топло-студени релации помеѓу Турција и ЕУ ја дефинира новата стратешка битност на нашиот јужниот сосед. Притоа, САД повеќе зависи од Атина отколку што Грција зависи од Вашингтон. Што неминовно ја подвлекува дилемата дали навистина Договорот е решение за спорот, или пак предигра за нови дополнувања во текот на претпристапните преговори, за кои никој од сегашната или идната влада не може да гарантира дека таквата можност е исклучена. Проблемот е во тоа што токму по ова прашање се детектира дихотомијата на Договорот – поради клиентелизмот наш насушен, САД, ЕУ, НАТО, Германија можат да гарантираат за нашите идни ставови. Но САД, ЕУ, НАТО и Германија не можат да гарантираат за идните грчки ставови – дури и ако сакаат.

Зеколи ги разгледува и настапите на некои политичари кои алармираат дека членството во НАТО е мошне важно заради се поголемите закани од руско влијание во регионов.

…Дека е смислена пропагандна хистерија на кревање тензии – тоа е барем сосема јасно. На таа и таквата хистерија мора да се одговори со колку љубопитно, толку и логично прашање: доколку опасноста од Русија и/или од соседството (со кои, нели, сега сме во братски односи) е  речиси на врата и прашање на часови, денови, недели, зошто побогу се инсистира за гласање денес, за спас-членството да го чекаме дури до 2020 година?! По секоја логика на нештата, доколку на НАТО им е битно нашето членство како одбрана од Русија, тоа ќе се ефектуираше на месец-два по успешниот Референдум…

Во продолжението на својата колумна авторот дава образложение и зошто не би бил „против“:

…Бидејќи со оглед на наметнатото владино сиже за поврзување на излезноста со успешноста, гласањето против не е ништо повеќе од – споредбено кажано – наметнат избор помеѓу Верушевски и Мијалков. Со наметнувањето на квалификативот „консултативен референдум“, самиот Заев, СДСМ и меѓународната заедница ја компромитираа и контаминираа смислата на гласање „против“ и ја легитимираа „бојкот“-опцијата како реална алернатива на „за“. 

Во својата колкумна Зеколи открива зошто нема ниту да „бојкотира“

Колку и да е привлечна таа хаштаг-полуга, во добар дел истата е оптоварена од црно-белоста на определбата помеѓу СДСМ-ДУИ денес и ВМРО-ДУИ вчера како проектирани со-нас-или-против-нас страни во спорот. Тоа е внатрешната политичка причина. Надворешната причина е што ефективно и практично, тезата бојкотирам е одамна преземена и аплицирана од страна на меѓународната заедница која со години бојкотира секое, сечие и секакво прашање во кое се подвлекува нивната улога и соучество во криминализацијата на општеството.

Својот текст за „Дојче веле“ поранешниот амбасадор во ОБСЕ го завршува со делот – „Зошто ќе апстинирам“.

Моите најбитни мотиви за апстиненција не се ниту идентитетот на Македонците, јазикот на Албанците и нашите и онака одамна пластелинизирани фолк-истории. Или барем не во директна, туку индиректна позиција. Клучниот мотив за апстиненција е одбивањето да се земе учество во уште една рунда на хипер-политички акробации за прикривање на ендемската (и веќе неизлечива) заболеност на општеството и државата со криминал и корупција како најголем и најтежок предизвик за граѓаните и гласачите. За крај, и покрај сето погоре наведено, немам сомнеж дека Референдумот „ќе успее“ и дека нас „ќе нѐ биде”. Начинот на кој ќе се постигне тој „успех“ и нашето „биднување“ е мојот финален аргумент зошто сум обврзан да апстинирам. 

Извор: Дојче Веле

Целата колумна на авторот можете да ја прочитате ТУКА

Shpërndaj me

WP Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com