Новата пресметка на цените на горивата ќе ги намали трошоците на граѓаните, уверуваат од Регулаторната комисија за енергетика. Методологијата по која на секои седум дена ќе се пресметуваат нови цени, ќе биде готова за два дена. Тоа значи дека од идниот понеделник привремената либерализацијата на пазарот на нафта и нафтени деривати ќе биде минато.

Регулаторот вели дека првичните барања на трговците со нафта за заработка од над шест денари за продаден литар гориво, не го прифатиле. Ќе добијат цена под 4,8 денари. Но, освен оваа маржа, трговците ќе добијат пари и за покривање на дел од трошоците за транспорт на нафтата.

„Нема да биде ни 4,9 ни 4,8, еве под 4,8 ќе биде маржата. Правиме анализи, нема да бидат трошоците за транспорт 0,8 денари. Реално, според сите наши информации и сознанија, имаме зголемени трошоци за работа на сите транспортни компании и за ова треба да разговараме отворено. Пред сè имаат и сериозни проблеми во наоѓање на работна сила“, рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Сепак, движењето на цените на нафтата на светските берзи и курсот на доларот во однос на денарот остануваат клучниот елемент во формирањето на крајната малопродажна цена.

„…Идниот понеделник ќе донесеме нови цени – максимални цени што ќе бидат согласно новата методологија којашто ќе ја усвоиме овие два дена. Повторувам, одредуваме максимална цена и над таа цена не може да оди ниту една компанија, но може да оди под цената и тоа е простор за конкуренција“, додава Бислимовски.

Новите цени за дериватите кои компаниите ги скроија за неделава ќе беа слични дури и ако ги пресметуваше Регулаторна по новата методологија, вели Бислимовски. Во однос на минатата недела, бензините ноќеска поскапеа за денар, а дизелот за два денара.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...