Колкава ќе биде реализацијата на проекти, толку ќе биде и растот на економијата. Градежниците велат дека застојот на дел од инфраструктурните проекти се главна причина за падот од 37,2% во градежништвото во првиот квартал годинава. Очекуваат да се забрза темпото на изградба на железничката инфраструктура, како и на дел од започнатите патишта.

„Потребно е проектите коишто претходно веќе се градени, да се привршат во завршна фаза на тој начин ќе се комплетира инвестицијата и ќе се нормализира целиот сектор“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежна комора при ССК.

Од Владата кои еден ден пред да бидат објавени официјалните бројки од статистиката, ги потврдија катастрофалните податоци во градежништвото, очекуваат градежна експанзија во наредните три квартали. На тој начин велат дека ќе се дојде до проектираниот раст на економијата од 3,2 насто.

„Нашите очекувања се дека ќе имаме сериозно висок раст на градежништвото во вториот квартал од 2018 година бидејќи од март, април месец, па наваму имаме сериозно интензивирање на комплетно градежните активности, една градежна експанзија којашто очекуваме до крајот на јуни, јули месец уште повеќе да се зголеми“, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Статистиката вчера објави дека во првиот квартал годинава македонската економија пораснала само 0,1%. Најголем пад има во градежништвото, кај бруто инвестициите и јавната потрошувачка.

Александра Спасевска

Shpërndaj me