Лани 23 работници починале на своето работно место. Вкупно 1.790 работници се повредиле извршувајќи ги работните задачи. Овие бројки на годишно ниво плус – минус се редовни во секој извештај на Државниот инспекторат за труд. Причина се наведува тоа што Законот за безбедност и здравје при работа не се почитува во доволна мера. Сега се најавуваат зголемен број на инспекциски контроли, но и барање за целосно почитување на мерките за безбедност, не само од страна на  работодавачите туку и од работниците.

„Станува збор дека одредени пропусти се прават за снабдување од страна на работодавачот кон работникот со опрема, а од друга страна пак неупотреба од страна на работникот на одреден опрема која што му е дадена. Што значи дека сите треба да ја подигнат својата свест дека употребата на опремата значи заштита на себе и заштита на целокупната работна средина“, рече министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

Модерното време значи и промена на опасностите со кои се соочуваат вработените на работното место, велат надлежните. Климатски промени, глобализација, нови технологии, штетни супстанции, појава на најразлични болести, се само дел од на новите ризиците.

„Несигурната работа, голем број работни часови, ексесивно работно време, следење на она што значи смени во работата, ноќна работа, тоа се проблеми кои одат заедно со неформално работење или сива економија“, изјави Јованка Бислимовска, Национален совет за безбедност и здравје при работа.

Од невладиниот сектор сметаат дека е потребно зајакнување на капацитетите и активностите на Државниот инспекторат за труд кој треба да го врши надзорот на имплементацијата на законското решение.

„Сите заедно на еден инклузивен начин мора да се стремиме кон подобрување на условите за работа, да се стремиме кон подигнување на свеста, не само на сите социјални партнери, туку на сите граѓани, работници со цел да добиеме побезбедни работни места и но и работни места кои овозможуваат пристојна работа“, рече Милан Живковиќ, фондација „Friedrich Ebert Stiftung“.

Како најризични професии и натаму се: градежништвото, рударството, земјоделството, преработувачката индустрија. Лани во земјава се извршени 12.665 инспекциски надзори од кои седум биле редовни, а останатите по пријава.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...