Проблемите во изградбата на автопатот Кичево – Охрид не се од вчера туку се провлекуваат уште од почетокот на реализацијата на проектот, сведочат за Алсат М претставници на компаниите што се ангажирани како подизведувачи на кинеската градежна фирма „Синохидро“. Велат дека со дел од делниците има проблем заради непрецизната проектна документација, а на дел се` уште не се почнува со работа од необјасниви причини.

„На целата изведба од Кичево до Охрид некаде има големи ископи каде што треба да се смени проектот и вредноста само на ископите ќе стигне до плус 90 милиони евра што ќе треба да се додадат за завршување на проектот. Мојата компанија работи со 10 отсто од капацитето на машинеријата што ја имаме. Овој проект ќе трае можеби и со години.“ – изјави Мусли Салија, технички директор на „Викторија Инвест“

Денеска и премиерот Зоран Заев од собраниската говорница потврди дека има сериозни пропусти во изградбата на автопатската делница која државата ја чини 375 милиони евра.

„Не може бандитските работи на автопатите криминално да ги продолжиме заради тоа што мора да знаат граѓаните дека цела траса е промашена на патот Охрид – Кичево, проектот и она што е вистинската траса. Не може да не знаат граѓаните дека тоа што претставува нерешени имотно – правни односи заради провизијата, брзајќи да се реализира нанесува огромни штети врз Република Македонија и врз буџетот на граѓаните на Република Македонија.“   – изјави Зоран Заев, премиер на РМ

Изградбата на трасата Кичево – Охрид, во должина од 57 километри, започна во 2014 година. Овој проект го привлече вниманието на СЈО откако во прислушуваните разговори се слуша како се договара провизија од кинеската компанија. Отворен е случајот „Траекторија“, во кој осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски и уште неколку високи функционери од Владата на ВМРО ДПМНЕ.

Мирко Трајановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...