Премиерот Зоран Заев е разочаран од начинот со кој дел од градоначалниците ги трошат јавните пари. Наместо раздолжување и развој на локалните самоуправи, за чија цел беа и наменети 50-тте милиони евра од централниот буџет и натаму има градоначалници кои тонат во милионски долгови, а продолжуваат со луксузирања. Премиерот вели секој ќе си одговара пред граѓаните и пред избирачите, а општините подлежат и на контрола на Државниот завод за ревизија и Антикорупциската комисија.

„Не ми прилега добро кога знам што направив во менаџментот заедно со Министерството за финансии на буџетот на нашата земја, за да го дигаме капацитетот на општините, за да може да го помогнат во развојот на државата. Педесет милиони евра пуштивме пари за да се оддолжат тие општини кон фирмите, пред сè домашни фирми кои им должат не со години, туку со децении“, рече премиерот Заев.

Пред неколку дена министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти дека неодговорното расфрлање со народни пари на дел од градоначалниците ќе го намалува преку фискалното правило при формирање на годишниот буџет на Општината. Од самиот старт, кога владата најави дека ќе покрие половина од долгот на општините, експертите беа скептични дека тој потег ќе придонесе за стабилизирање на финансиската кондиција на локалните самоуправи. Потврда за тоа е набавката на Општина Струга која е во долгови од над 4 милиони евра а пред неполн месец се поднови со нов возен парк вреден 100 илјади евра од кои само автомобилот на градоначалникот Рамиз Мерко чини 67 илјади евра.

Вкупниот долг на сите општини изнесуваше без малку 100 милиони евра, владата реши да покрие 51 отсто од оваа сума , пари кои ги обезбеди со ребалансот на буџетот, од предвидените, а нереализирани капитални инвестиции за ланската година.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...