Пукнатина во цврстиот став на коморите да се одложи воведувањето на прогресивниот данок за пет години. Сојузот на стопански комори цврсто стои на барањето прогресивниот данок да се одложи, се додека Владата не излезе со конкретни пресметки кои ќе бидат ефектите врз бизнисот.

„Апсолутно остануваме на барањето да се одложи примената, особено пред да се увиде кои ќе бидат импликациите по приватниот сектор. Од една страна ипликации по основ на зголемени трошоци, од втора страна импликации во однос на борбата со сивата економија, а трета страна во однос на премин на оние кои што сега легално работат, односно евазија во сивата зона“, рече Данела Арсоска, претседател на ССК.

Велат дека иако им било ветено дека ќе имаат право на свој став, законското решение било обавено без нивна консултација. Арсоска вели дека после тригодишна политичка криза каде бизнисот пресмета големи загуби, ова ќе предизвика дополнителен удар.

Од Стопанската комора на Македонина од каде вчера беа децидни дека неопходно е одложување и дека фирмите се ставени пред свршен чин, денеска со омекнат став. Претседателот Бранко Азески пред средбата со министерот Тевдовски кажа дека допрва ќе ги пеглаат ставовите за прогресивното оданочување.

Првичните пресметки на најголемата комора кажуваат дека околу 35% отсто повисоки трошоци за плати и за 50 отсто за други трошоци ќе предизвика зголемувањето на данокот. Ќе ги изнесат сите ставови пред министерот очекуваат да бидат прифатени.

„Меѓутоа мислиме дека актуелните случувања даваат за право да се осврнеме на тоа на органите на Стопанската комора затоа што расправата ќе биде отворена, така министре, во наредниот период да се разговара така да може да се состанеме уште неколку пати да разговараме.  Суштината е да ние го негуваме јавно приватниот дијалог и сакам да му се заблагодарам на министерот во секоја прилика доаѓа и е расположен да разговара за сите отворени прашања“, рече Бранко Азески, претседател на СКМ.

Премиерот Зоран Заев пак иако пред еден месец кажа дека прогресивниот данок ќе се одложи, денеска пак беше дециден дека Владата не одстапува од даночната реформа.

„Бизнис заедницата има пристап да реагира и преку претставниците и преку медиумите. А што да кажат сиромашните граѓани, како да реагираат за дополнително да им се помогне“, рече премиерот Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пак на обвинувањата од бизнис заедницата кажа дека преку медиумите компаниите биле информирана дека ќе има ново законско решение и сега имаат еден месец да дебатираат. Ги послушале првичните забелешки и затоа го дигнале прагот на оданочување. Побара поддршка од Стопанската комора, но не отстапува од неговото донесување до крајот на годината.

„Ние како Министерството за финансии ја отворивме дебата во саботата и тоа ја отворивме со закон, со предлог на закон како што треба сериозна институција да излезе, со брошури, со многу анализи, досега не сме имале предлог на закон подджан со таква анализа“, изјави министерот Тевдовски.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија сметаат дека во никој случај не смее да се донесе Законот без консултација на бизнисот. Велат дека компаниите јасно кажаа дека се против прогресивното оданочување. Сметаат дека ќе ја влоши деловната клима во земјата и ќе ги зголеми трошоците на бизнисот.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me