Премиерот Зоран Заев е оптимист дека до крајот на месецов ќе се најде барем политичко решение за новиот Закон за јавното обвинителство, што во суштина треба да ја реши судбината на Специјалното јавно обвинителство. Заев кажа и дека нема бесконечно да чека на согласност на опозицијата, но и оти главниот проблем во преговорите, според него е судбината на специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Нема да чекаме до 5 до 12. Мандатот на Катица Јанева завршува на 15 септември. Јас не можам до крај да прифаќам, не сакам јас за Катица Јанева да дадам поддршка и толку и тука застануваме. Единственото прашање на коишто сме заглавени е Катица Јанева и нејзиното име и толку. Ние имаме систем. Се вика јавно-обвинителски систем на државата. Поддржан од целата меѓународна заедница коешто треба да има своја иднина. Одговорноста е да, на мнозинството. Одговорноста е и на опозицијата. Тоа мораме да го решиме. Не заради ЕУ, заради дома треба да го решиме“, рече премиерот Заев.

Ставот на Заев дека работата е заглавена лично поради Катица Јанева сепак создава голема забуна бидејќи пред само десет дена, министерката за правда Рената Дескоска го изјави спротивното дека работните групи воопшто не разговараат за конкретни имиња и оти не е важно кој ќе води реформираното СЈО, туку какво ќе биде системското решение.

„Јас сакам да потенцирам дека во досегашните разговори воопшто не станало збор, значи кога разговараме ние како работни групи од министерството и политичките партии околу зaконот, воопшто не ја ни споменуваме Катица Јанева. Значи нас не ни е во интерес да разговараме кој ќе биде Специјален јавен обвинител и тоа никогаш не било предмет на дебата и не нè интересира. Значи, законот содржи кои се принципелни решенија. Кои се услови за избор на специјален јавен обвинител, кои се услови за избор на јавен обвинител на Македонија. Кои се услови за која е постапката и кој ќе ги бира. Значи воопшто не зборуваме за имиња. Така што, не го ставаме законот во светло и не сме оптеретени дали ќе биде Катица, дали ќе биде Фатиме, дали ќе биде Ленче или ќе биде некој сосема трет“, рече министерката Дескоска.

Алсат побара дообјаснување од министерството за правда, дали Катица е или не е каменот на сопнување. Од ресорот на Дескоска ни појаснија дека суштинските разлики со опозицијата се статусот и новите постапки на СЈО, а не за Јанева, како што вели премиерот.

Министерство за правда:

Законот предложен од Министерството содржи одредба дека специјалниот обвинител се избира од Советот на обвинители, така што прашањето за тоа кој ќе го води СЈО е прашање кое не се третира во преговорите за законскиот текст.“

Алсат праша и во ВМРО-ДПМНЕ, до каде е текстот на предлог-законското решение кое тие го најавија, откако оценија дека владиниот предлог не е добар, што пак доведе до застој во преговорите. Неофицијалниот одговор кој го добивме е дека текстот ќе биде готов до крајот на месецот.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...