Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас се договориле за една опција како можно решение за името. По средбата во Софија со неговиот грчки колега, Заев рече дека опцијата била прифатлива за двете страни. Според него, сега останува неа да ја разгледа политичкиот и општествен фактор во двете земји.

Иако Заев вели дека конечното решение за името ќе зависи од тоа дали опцијата ќе биде прифатена во двете држави, сепак е оптимист дека наскоро ќе има решение, дури пред самитите на ЕУ и НАТО.

„Се надеваме дека ќе имаме договор пред самитот на ЕУ. Искрено се надевам, но зависи од двете страни, зависи од институциите, претседателите, лидерите на опозицијата, другите политички лидери и на крајот од граѓаните на двете држави. Ако тоа не е можно, тогаш секако ќе продолжиме. Изградивме безусловно пријателство меѓу нас посветено на решение, но се надевам дека ќе успееме на време да ги охрабриме Советот на Европа и НАТО, затоа што чекаме покана од НАТО и датум за почеток на преговори со ЕУ“, изјави Зоран Заев, премиер.

Заев уверува дека договорот нема да го наруши достоинството на двата народа. Но, попладнево грчкиот премиер Ципрас беше помалку оптимист. Тој нагласи дека голем дел до патот до решение е изоден, но оти останува уште многу работа.

„Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Не сме, се уште не сме во позиција да зборуваме за договор. Ќе постојат и следни чекори со цел ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец. Во овие преговори или ќе се договорите за сè или за ништо. Се обидуваме да најдеме решение без да се преминат црвените линии“, рече Алексис Ципрас, Премиер на Грција.

Веднаш по средбата Заев – Ципрас, двајцата премиери имаа одделни средби со германската канцеларија Ангела Меркел. Таа потврди дека Македонија и Грција постигнале важен напредок за името.

„Преговорите меѓу Македонија и Грција добро напредуваат и е постигнат важен напредок. Прашањето за името на Македонија е важно“, посочи Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Во однос на проширувањето на ЕУ, Меркел рече дека за ова прашање ќе се решава на самитот на Унијата во јуни, но ја потврди европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Анеса Салиу

Shpërndaj me