Горд на храброста на пратениците, свесен за горчината кај граѓаните, но и уверен во подобра иднина, премиерот Зоран Заев, на ден по усвојувањето на уставните измени, земјава веќе ја нарече Република Северна Македонија.

„Да. Спомнав за да сватат граѓаните прво од устата на премиерот за сериозноста на одлуката која е донесена во нашиот парламент. Договорот стапува на сила откако ќе биде ратификуван и во грчкиот парламент. Примената е јасно опишана внатре. За меѓународна употреба стапува веднаш. За домашна употреба со отварање на поглавјата не повеќе од пет години. Опишано е детално. Но, дефинитивно тоа е решението кое што го прифативме и тоа е решението кое ги отвора перспективите на целиот наш народ и на нашата земја“, рече Заев.

Заев е убеден дека Договорот од Преспа ќе помине и во грчкиот парламент.

„Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот за пристапување во НАТО и потоа ќе ги поведе и останатите 28 земји членки на Алијансата да го направат истото за да бидеме 30-та земја членка на НАТО“, вели Заев.

Премиерот е против распишување предвремени парламентарни избори. Смета дека така би си обезбедил нов четиригодишен мандат, но и ќе им наштети на реформските процеси на земјата. Сепак, најави дека СДСМ сериозно ќе го разгледа ваквото барање што вчера го упати лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски. Според Заев, Мицкоски бара нешто за што моли бога да не го добие.

„Вчера, на ваков настан, опозицијата која што цело време го блокира евроатланското интегрирање на Македонија, заедно Мицковски, Груевски, Бачев и сите други прават блокада без да дадат алтернатива, а знаат и малите деца дека за Македонија нема алтернатива, излегува со повик за избори – ова е сериозно. Ако барем не размислиме не би биле сериозни политичари и политичка партија“, вели Заев.

Заев порача дека затворањето на историското прашање со името е и одлука против изолацијата, несигурноста и сиромаштијата во земјава. Посочи дека сега во Уставот се вградени не само македонскиот, туку и идентитетите на сите етнички заедници во земјава.

Loading...

Shpërndaj me