Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на Катица Јанева кој треба да даде насока за евентуална поврзаност и инволвираност на специјалната обвинителка во случајот „Рекет“.

Но, од Обвинителството велат дека детали од извештајот не можат да соопштат во интерес на истрагата.

Кога шефицата на Обвинителството, Вилма Рускоска, нареди да ѝ се одземе телефонот на Јанева, истражителите обезбедија само еден од двата телефони што таа ги поседувала. За вториот рекла дека го изгубила.

Од Обвинителството денеска нема информација дали двете обвинителки на Специјалното јавно обвинителство кои се понудиле да дадат исказ за случајот, тоа го сториле.

Истрагата на Обвинителството треба да одговори дали целта била да се поткупат обвинители или само да се искористи влијанието на првоосомничениот, Бојан Јовановски, познак како „Боки 13“ врз јавен обвинител.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески, во интервју за весникот „Независен“, посочува дека бизнисменот опфатен со предметот на СЈО „Империја“, а кој е сведок во случајот „Рекет“, дал во кеш 1,5 милиони евра на осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец.

„Парите се дадени во готовина во два наврата. Обвинителството уште во предистражната постапка ги утврди начинот и сметките од кои се обезбедени парите. За да не се наштети на постапката, други детали не би откривал. Но кога ќе бидат создадени услови, јавноста ќе биде запознаена со начинот на извршување на кривичните дела во овој предмет“, вели Јовески.

Според Јовески, истрагата ќе се прошири и на други инволвирани лица и за други кривични дела ако за тоа се обезбедат докази.

„Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден“, додава Јовески.

Рускоска во интервју за емисијата „Код“ посочи дека на снимките предадени во Обвинителството, во разговор меѓу рекетираниот бизнисмен и осомничениот изнудувач Јовановски, се слуша глас и на јавен обвинител, без да каже чиј.

Инаку, на барање на Обвинителството, вчера беше запленет глисер во сопственост на второосомничениот во „Рекет“, Зоран Милевски – Кичеец. Тој и „Боки 13“ беа приведени се во притвор.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...