Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ најавен за следната недела му влева надеж на амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар дека оваа партија ќе ја смени својата деструктивна политика и ќе биде вклучена во реализирањето на реформите. Тој не сакаше да ги коментира последните апсења на пратениците од оваа партија, велејќи дека ова би се подразбирало како мешање во работата на судството.

„Се надевам дека по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ следната недела, ние ќе добиеме опозиција која не е посветена само на тоа деструктивно да ги спречи работите кои се случуваат. Подобро е да имаме опозиција која ќе и конкурира конструктивно на Владата, со идеи, предлози и сугерирања, како да се корегира. Таква опозиција е потребна, а таа во овој момент ја нема. Јас се надевам дека повторно ќе го вратиме силното ВМРО-ДПМНЕ во јавниот живот и во Собранието”. – изјави Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ

Во настапот пред неколку медиумите, Жбогар изјави дека се надева дека партиите веќе нема да имаат потреба за меѓународно посредување за решавање на внатрешните прашања. Иницијативата „Жан Моне“ која го вклучува предлогот лидерите да се сретнат во Париз, според Жбогар, не била смислена да биде продолжение на Договорот од Пржино, туку да придонесе за подобрување на атмосферата. Тој ја објасни и изјавата на комесарот Хан за предлог-законот за употреба на јазиците, велејќи дека во преостанатите денови од декември и во јануари, на Парламентот му останува малку време за донесување на законите во рамките на реформите и тоа треба да се искористи. Тој додаде дека ако нешто друго, како законот за јазици кој самата ЕУ го одобрила, може да се усвои паралелно, тие немаат ништо против тоа. Што се однесува до содржината на Извештајот на напредокот кој се очекува да биде објавен кон крајот на следната пролет, Жбогар изјави дека очите на меѓународната заедница се вперени во спроведувањето на реформите во трите најважни полиња.

„Ние гледаме предлог-закони во Парламентот кои се однесуваат на правниот систем. Се надеваме дека овие закони ќе можат да усвојат набргу, во следните недели. Владата изготвува предлог-закон за УБК, за преместување на опремата за прислушкување на УБК во една независна Агенција, што исто така е добро. Исто така, бараат начини како дополнително да ја реформираат УБК. Третото поле што ние го набљудуваме од блиску е вработувањето во независните институции каде што има многу отворени позиции и ние сакаме овој процес да биде транспарентен. Овие се нашите приоритети и таму каде што ние сакаме да видиме напредок“.

Жбогар изјави дека во Брисел се води дебата за изнаоѓање нови начини за проширување и дека сега е време да се стане дел од тој список.

„Следната година се отвара навистина сериозна можност за тоа. Не знаеме дали ќе има подобар можност во иднина за земјата да го фати возот кој е веќе тргнат и се движи напред во натамошните настани на проширување на ЕУ“.

Што се однесува до преговорите за решавање на прашањето на името, амбасадорот Жбогар изјави дека гледа добра воља од двете страни, но дека е рано за предвидување дали тие ќе завршат со успех.

„Гледаме добра воља од двете страни за подобрување на атмосферата и атмосферата се подобрува. Тоа ќе олесни решавањето на ова прашање. Владата изгледа фокусирана. Нема гаранции дека ќе има успех, но доколку не се проба, не може ниту да се знае дали ќе се успее “. – заклучува Жбогар

Коментирајќи ги оставките во Државната изборна комисија, евроамбасадорот изјави дека тоа е добра лекција која може да послужи и за слични случаи во другите институции. Според него, Изборниот законик, освен оваа точка, има потреба и за други измени и побара тие да се направат пред следните избори.

Фатлуме Дервиши

Loading...

Shpërndaj me

Loading...