За успешна децентрализација на локалните самоуправи потребна е ефикасна администрација која ќе испорачува навремени услуги за граѓаните. Освен што општинските службеници треба посериозно да се фатат за работа, претставникот од Брисел на македонските власти им порача дека за да можат да бидат финансиски самостојни, нема простор за нови долгови во општинските каси.

„…Тоа ќе го бараме во преговорите, но исто така и финансиска одржливост – општините да имаат доволно финансии, со помош на централната власт или од сопствени приходи. Не сакаме да видиме повторно мерки како онаа кога власта го презема акумулираниот долг“, рече Френк Јанмат, делегација на Европската Унија.

Но, Петре Шилегов, кој е на чело на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, ЗЕЛС, не ја исклучи можноста и оваа година општините да бараат пари од Владата.

„Знам дека имаме потешкотии во скоро сите единици на локалната самоуправа поради нивното лошо раководење во минатото и преземањето обврски кои не можеле да ги износат“, рече градоначалникот Шилегов.

Ресорниот министер Сухејл Фазлиу признава постоечкиот закон за локална самоуправа има слабости. Ќе се работи вели – на негова евентуална корекција ако има политички договор за тоа.

„До крајот на годинава треба да излеземе со анализа за начинот на распределба на блок дотациите во локалните единици, затоа што сега се проценува сегашниот начин на финансирање на установите, наместо делегираните компетенции во општините“, изјави министерот Фазлиу.

Лани владата го одврза кесето и на општините им подари 50 милиони евра за намалување на долговите, но властите потенцираа дека ваков гест по втор пат нема да направат. Годинава,  стара песна – не само што дел од градоначалниците недомаќински ги трошат народните пари, туку влегуваат и во нови непродуктивни задолжувања.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...