Ветингот како метода веќе е прифатлив од страна на институциите на Европската Унија за да обезбеди професионалци во судството и обвинителството. Според еврокомесарката за правда Вера Јурова, која беше дел од Самитот на министрите за правда кој се одржа во Скопје, Македонија може да го следи примерот на Албанија.

 „Ние сакаме да видиме дека секторот за правда е полн со професионалци и лица со доверливост, со морален интегритет за кој нема сомнежи и не се става под знак прашалник нивната професионалност. Процесот на ветинг е еден од процесите кој ќе се користи за да се гарантира ова. Ние го слушнавме министерот на Албанија за текот на процесот таму. Не е лесна работа. Во Северна Македонија не е започнат, но сигурна сум дека земјата ќе го искористи овој начин за тоа како да ја гарантира високата репутација во секторот правда“-изјави Вера Јурова, еврокомесарка.

Министерката за правда Рената Дескоска пред самитот изјави дека довербата во судството треба да ја обезбедат судиите. Што се однесува до Законот за јавно обвинителство, Дескоска додаде дека подобро воопшто да не биде донесен, отколку да се донесе неквалитетен закон.

Министерката за правда на Финска, Ана Маја Херинксон, изјави дека финското претседателство се обврзало да ги поттикне реформите во правдата, како и борбата против корупцијата.

„Ефективниот систем на правда и ефективниот пристап до правдата се најважните елементи на судскиот систем. Со ангажманот за борба против корупцијата, министрите го споделија мислењето дека и ова се поврзува со принципите на владеењето на правото, напорите за зајакнување на демократијата, за транспарентни и демократски институции“-рече Ана Маја Хенриксон, министерка за правда на Финска

На форумот на министрите од земјите на Западен Балкан, утре ќе се разговара и за реформите во безбедноста, борбата против тероризмот и екстремизмот, како и борбата против организираниот криминал. Претставниците на институциите на ЕУ, на самитот соопштија дека само што го добиле Нон – пејперот на Франција за процесот за зачленување и за него ќе дискутираат со земјите членки на ЕУ.

Фатлуме Дервиши

Loading...

Shpërndaj me

Loading...