Македонија се очекува утре да ја добие долгоочекуваната препорака за отворање на преговорите со Европската Унија. „Во пресрет на постигнатиот напредок, Европската Комисија препорачува отворање на преговорите со Македонија“, се вели во Извештајот за напредок, кој ќе се објави утре во Стразбур. Оценката на Брисел е дека Македонија „ја надмина политичката криза“ и покажала „јасна политичка волја за напредок“. Премиерот Зоран Заев рече дека позитивниот речник од Брисел, ќе послужи како поттик за продолжување на реформскиот процес.

Едуард Кукан, член на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент во интервју за Дојче Веле, вели дека Македонија постигнала значителен напредок во споредба со минатата година. Кукан, исто така, ја пофали динамичната надворешна политика предводена од Заев и како што рече, за решавање на отворените прашања со соседите.

„Честопати, земјите членки не ги засноваат своите позиции врз резултатите што ги постигнува една земја во процесот на европска интеграција, туку на политички и билатерални прашања. Ќе побарам од Советот да ги оцени објективно резултатите постигнати од Албанија и од Македонија на нивниот пат кон ЕУ“, изјави Кукан.

И шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, ден пред нејзината балканска турнеја, ја истакна стратешката важност на регионот за Европската Унија.

„Утре се очекува да се донесе важна одлука во врска со пакетот за проширување. Тоа е стратешки регион за Европа, тоа е Европа, иако сé уште не е дел од Европската Унија. Јас планирам да го посетам регионот од утре, затоа ќе разговараме со министрите за продлабочената соработка со нашите партнери во Западен Балкан во однос на заедничката безбедност и просперитет“, вели Могерини.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан ќе ја започнат Балканската турнеја од Албанија, додека во среда се очекува да го посетат Скопје. Иако се очекува Македонија и Албанија да бидат двете земји кои што постигнаа значителен напредок во спроведувањето на европските реформи, сепак владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата се очекува да бидат најкритичните прашање за сите земји од Западен Балкан.

Семра Мусаи

Loading...

Shpërndaj me