Владата да ги засука ракавите и да се фати за работа. Само така може да има поголем процент на реализација на капитални проекти. Податоците за првиот квартал кажуваат катастрофална реализација на овие инвестиции од само 6,2 отсто. Според експертите, додека лани изговорот на Владата за слабата динамика на изградба на патишта, пруги, гасовод беше лошото проектирање, сега таков изговор нема. Ако не може да ги реализира проектите планирани за оваа година, тогаш треба да се започнат нови кои се потреба за граѓаните. Неопходни се инвестиции во канализации, енергетика, подобрување на јавен превоз.

Сугерерирам владата да отвара нови проекти бидејќи има можности, има простор, има место, има суштина и потреба на вакви проекти во Македонија. во енергетиката особено, во гасификацијата не се случува ништо драматично значајно, во јавниот превоз во Скопје, канализации немаат значаен дел од селата во Скопје, а да не кажам како е во Републиката. Простор за работа има, очигледно е нема кој тоа да го сработи“- изјави Павле Гацов, даночен експерт .

Гацов очекува дека и со најавеното прекројување на државната каса летово, повторно капиталните инвестиции ќе бидат „жртва“. Алармира до Владата да не направи грешка како лани, нереализираните буџетски приходи да ги потроши непродуктивно како што беше исплатата на долговите на општините. Факт според него е дека капиталните инвестиции лошо се планираат.

Ние како јавност треба да кажеме дека овде реализацијата оди многу лошо и треба сериозно да се подразмисли во иднина на кој начин сето ова ќе се одвива, односно кој се треба да го менаџира, да го управува. Треба да се воведе некакво системско решение кое што ќе значи проверка, иницирање реализирање со одговорности“-рече Павле Гацов, даночен експерт .

Иако во првиот квартал буџетските приходи натфрлија, Гацов смета дека има уште простор за нивен раст, пред се кај данокот на додадена вредност. Се уште е висок процентот на сива економија, односно на неиздавање на фискални сметки. Премиерот Заев вчера најави дека поради добрата реализација на приходите летово ќе има ребаланс на буџетот. Катастрофалните капитални инвестиции ги оправда со исплата на стари фактури. Оптмимист е дека вториот и третиот квартал ќе има забрзана динамика. За годинава се предвидени 420 милиони евра за капитални проекти, а за првите три месеци се реализирани само 26,6 милиони.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...