Со нон-пејперот Франција сака да ја оправда кредибилноста на блокадата за Македонија и Албанија и да покаже конструктивност кон целиот процес, смета Малинка Јорданова од Институтот за европска политика. Сепак, според неа, нон-пејперот не нуди ништо ново во однос на постапката на преговори. Таа вели дека со овој предлог наместо 35 поглавја би се отворале седум фази кои би можеле да бидат подеднакво комплицирани за реализација како и поглавјата, но значат помалку етапи кога некоја држава евентуално би ставила вето.

„Каде јас гледам некои замки: Прво, јасно се кажува дека перспективата за членство ќе следи откако ќе се реформира Европската Унија. Значи Франција инсистираше прво реформа, потоа пристапување, а Германија и поголем број други земји членки беа на тезата паралелно – внатрешни реформи и проширување. Значи, тука цврсто стојат на тоа прво внатрешни реформи, а потоа проширување. Потоа, покрај политичките критериуми коишто државата треба да ги исполни се споменува и одредено ниво на економска конвергентност со Европската Унија пред пристапувањето што многу тешко ќе го постигнат сите државите коишто се сега во процесот на пристапување. Третата точка што мислам дека е критична – цело време се најавуваат повеќе средства, повеќе финансии, пристап до структурни фондови, а тоа е најтенкиот дел од овој документ. Значи, се споменува пристап до одредени програми, ние пристап до одредени програми имаме и сега“, рече Малинка Јорданова – Институт за европска политика.

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...