Задоцнета и осудена на неуспех е реформата во администрацијата со која вишокот службеници се нуди на приватниот сектор. Ова е ставот на професорот Борче Давитковски кој стравува дека Владата со овој потег може да го изгуби и оној кадар кој навистина вреди и за повисока плата да се префрли во приватниот сектор. Вистински работници во администрацијата се околу пет илјади, вели професорот и таму со сигурност недостасува кадар иако во јавниот сектор постои огромен вишок.

„Ќе останат тие условно речено „лепачи на плакати“ кои и така се влезени во јавниот сектор за да не работат. Тие не се влезени за да работат, тие имаат агенда да ги поддржуваат политиките на владата. Така што мислам дека ова се едни палијативни, да не кажам паушални реформски зафати кои не очекувам да дадат добри резултати бидејќи и бизнисот нема да ги прифати. Оној кој што не работи на бизнисот не му треба“, изјави професорот Давитковски.

Бизнисмените пак се децидни, неработници не се потребни никому. Тој  што не дава резултати, велат не може да работат во приватна фирма. На стопанството освен дефицитарниот стручен кадар, му недостасуваат градежни инжењери, архитекти, технолози, менаџери, а јавниот сектор нема службеници кои би можеле да ги работат овие професии.

„Природата на нашата работа во бизнис секторот е многу поразличен од тој во администрацијата и секако дека треба луѓе кои се подготвени да ризикуваат, да имаат самоиницијатива и да даваат резултати. Додека, доколку не даваат резултати самиот процес ќе ги отстрани од работа“, рече Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Професорот Давитковски и бизнисменот Исени заклучуваат дека во моментов неопходно е по завршувањето на образовниот процес граѓаните континуирано да се надградуваат себе си следејќи ги трендовите во кои што работат, како во јавен така и во приватен сектор. Владата првенствено треба да објави со каков кадар располага па дури потоа да го нуди на бизнис секторот. Владата вчера повторно ја актуелизираше оваа намера и сега прави план со кој ќе ги мотивира административците сами да преминат во приватниот сектор.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...