Идентификувани се бројни проблеми во избирачкиот список од првиот ден од јавниот увид. Невладината „ЦИВИЛ“, која, меѓу другото, се занимава и со следењето на изборите, граѓаните веќе и ги презентираа првите забелешки, известувајќи ја за фантомски гласачи и за починати лица кои фигурираат на избирачкиот список.

„Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација. Добивме и една пријава за починато лице што сѐ уште фигурира во Избирачкиот список. Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку ‘ненајавени гости’ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: Секогаш некој друг е одговорен“.

Дури и експертите реагираат на дилемата во јавноста за тоа кој треба да го прочисти избирачкиот список, што се појави откако ДИК побара помош од граѓаните. Познавачот на правни прашања, Насер Зибери, оценува дека барањето на ДИК е апсурдно и парадоксално, бидејќи Изборниот законик јасно утврдува дека ажурирањето на избирачкиот список е надлежност на ДИК. Зибери вели дека граѓанинот е должен да ги пријави неправилностите што го засегаат лично, но дека тој не е должен да го прочисти списокот.

“Не може граѓанинот да направи прочистување на избирачкиот список и да ги пријави неправилностите на лицата кои не го познава. Дури и ако ги знае, не е негова работа да го стори тоа. Затоа, постои Државната изборна комисија. Затоа им се дадени овластувањата. Затоа им се дадени средства. Затоа постојат други институции, како што се Министерството за внатрешни работи, Управата за матични книги, Заводот за статистика и сите други институции кои имаат средби со избирачкиот список. Затоа мислам дека Државната изборна комисија во новиот состав се уште не ги познава прашањата па затоа даваат такви изјави”, изјави Насер Зибери, правен експерт.

Зибери истакна дека во земјава имало широка дебата во политичките кругови за ажурирањето на избирачкиот список од МВР да премине во ДИК. Тоа според него значи дека сега кога ДИК ја има оваа надлежност, тоа треба и да го оствари, за што може да ангажира средства, инструменти и институции, па дури и да бара нешто дополнително доколку има потреба.

Анеса Салиху

Shpërndaj me