Следува ексклузивното интервју со американската амбасадорка, Кејт Бирнс, прво по нејзиното преземање на функцијата во нашата држава.

Развојот на актуелните политички случувања во земјава, како и нејзините приоритети како амбасадор, се дел од темите во интервјуто.

Вие дојдовте во Северна Македонија пред две недели. Кои се вашите главни приоритети за унапредување на односите помеѓу САД и Северна Македонија?

“Ви благодарам Арта за поканата и можноста на вашата програма да разговараме околу моите приоритети. Како што знаете, штотуку пристигнав во Северна Македонија, во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО Алијансата на самиот крај на оваа година. И како сојузници, очекуваме нашето партнерство уште повеќе да зајакне, поврзано преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во овој регион и пошироко. Навистина нема посилна врска од оваa. Значи, чест ми е да ја предводам мисијата на САД во време кое верувам, ќе донесе позитивни промени. Ќе имам три приоритети. Првиот е да ја промовирам стабилноста преку силни институции и да продолжам да ги поддржува понатамошните напори на Владата за реформи и за зајакнување на владеење на правото. Вториот – јас ќе бидам посветена на поддршка на напредокот преку нашите програми за помош, како и преку партнерство со приватниот сектор. Третиот приоритет, секако, е зголемување на нашата заедничка безбедност преку соработка во областа на одбраната”.

И кога сме кај НАТО, дали можете да ни кажете во која фаза е усвојувањето на Протоколот во Американскиот Сенат за членство на Северна Македонија во НАТО?

“Како што знаете, САД силно го поддржуваат членството на Северна Македонија во НАТО. Календарот на Сенатот на САД можеби е малку непредвидлив, особено во овој период од годината, но се надеваме дека Сенатот на САД ќе продолжи со ратификацијата за НАТО ова лето или на почетокот на есента. Всушност, Северна Македонија се докажа како стабилен партнер во областа на безбедноста. Има колективна волја за поддршка на безбедноста во регионот и веќе покажува дека ќе биде силен сојузник во НАТО. Всушност, минатиот месец, Северна Македонија беше домаќин на вежбата „Одлучен удар“, што завршуваше кога јас дојдов. Оваа вежба е добар пример за тоа како вашата земја веќе придонесува за безбедноста на Алијансата. Тоа покажува дека нашите војници веќе работат заедно за да се справат со идните закани. И очекуваме дека и во иднина ќе има вакви слични вежби и активности како дел од нашата проширена соработка”.

Откако дојдовте во Скопје, видовме, да речеме, драматични случувања поврзани со криминал и обвинувања за инволвираност на институции и нивни раководители. Каква  проценка имате за скандалот наречен „Рекет“, каде постојат тврдења за можна инволвираност на обвинителката Катица Јанева?

„Ова се многу сериозни тврдења, а во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и за злоупотреба на функцијата, ние подржуваме темелна, брза и транспарентна истрага.  Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговарост, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста. Но, има уште работа што може да се заврши. Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите овие владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив”.

По избувнувањето на овој скандал, г-ѓа амбасадорке, како ја гледате иднината на Специјалното Јавно Обвинителство? Дали треба да продолжи да постои или не?

“Ние секако дека ги следиме актуелните случувања. Ние поддржуваме силно, независно обвинителство. Сметаме дека е важно да се зачуваат капацитетите на Специјалното Обвинителство и ова ќе им даде јасен сигнал на граѓаните на Северна Македонија и на меѓународната заедница дека Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на владеењето на правото. Исто така, тоа е извонредно достигнување важно за процесот на пристапување во НАТО и во ЕУ”.

Во Северна Македонија, политичкиот дијалог е на минимално ниво, да речеме, но за спроведување на реформите овој дијалог е неопходен. Дали очекувате да има дијалог помеѓу политичките партии во земјата?

“Прво, дозволете ми да кажам дека Северна Македонија веќе долго време е стратешки партнер. Веќе 25 години работиме да ги поддржиме аспирациите на Северна Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ како стабилна, прогресивна и инклузивна демократија. И како и во секоја демократија апсолутно е критично за политичките лидери да ги поддржуваат реформите што граѓаните ги сакаат. Ние ќе продолжиме да бидеме партнер во тие напори како и досега, САД ќе продолжи да биде посветена на соработката со сите политички партии, лидерите и граѓаните во земјата за промовирање на позитивен и конструктивен политички дијалог. Го очекуваме помошникот државен секретар Рикер да дојде во регионот оваа недела, ќе биде во Северна Македонија кон крајот на неделата, ќе се сретне со луѓе од политичкиот спектар, како и со граѓаните и ќе ги слушне нивните мислења”.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...