Иако домашната економија е на нула и воопшто не порасна во 2017 година, невработеноста се намалува. Според Државниот завод за статистика, ланското четврто тримесечје имало вкупно 21,9 отсто невработени или за 0,3 насто помалку од претходниот квартал. Универзитетските професори се чудат како е можно во време на стагнација на инвестиции и на реализација на капитални инвестиции невработеноста да се намалува. Дополнителен проблем според нив е и тоа што Владата и понатаму е најголем работодавач. Поранешниот министер за финансии Никола Поповски, смета дека токму поради зависноста од политиката и од владата, домашната економија тоне.

Падот на економијата е најголем во два сектори, и тоа го држи целиот БДП на нула. 20 отсто е паднато градежништвото кое буквално се финансира од јавни средства, а и понатаму имаме кон јавниот сектор намалување затоа што застанаа вработувањата. Не смееме да си дозволиме толку ниска автономија или толку неослободени пазарни услови. Приватниот сектор мора да функционира и кога има проблеми и во државата затоа што системот треба да функционира. Но, тоа не е случај кај нас. Сега чекаме државата да инвестира, да субвенционира, да гради инаку се ќе застане. И тоа не води никаде”, изјави Никола Поповски – универзитетски професор

Поповски вели дека моторот на домашната економија треба да биде приватниот сектор и малите и средни претпријатија, како и да се поттикне младите и бизнис заедницата да инвестира. Дополнителен проблем според Поповски е и тоа што бизнис заедницата наместо да ослободи средства, нови инвестиции и ослободување на пазарот на работната сила, чека само државна помош. Проблем е и нефункционирањето на дел од клучните инвестиции и големата корупција. Дека, дел од политиките за намалување на невработеноста треба да се сменат се согласуваат и од невладината организација Младински сојуз Крушево. Од оваа здружение велат дека наместо вработување во јавниот сектор, младите, кои се најмногу невработени, иднината треба да ја гледаат во претприемништво.

Да делуваме младите да бидат креатори на своите работни места. Да видиме силни поттикнувачи на потенцијалните креатори на работни места. Да се радуваме и поддржиме секое младинско вработување, но и да го замениме начинот на размислување на младите“, вели Билјана Стојчевска – координатор на Младински сојуз Крушево

Стојчевска вели дека има многу фондови кои младите може да ги искористат за да создадат сопствени бизниси. Но вели дека честото менување на владините политики им прави дополнителна неизвесност и ги тера младите или да си одат од земјава или да бараат работа во јавната администрација.

Верица Павлоска

Shpërndaj me