Најдобрите студенти се првите коишто си заминуваат на работа во странство. Причина за тоа е што домашниот бизнис не е поврзан со универзитетите. За да ги задржат квалитетните кадри во земјава, фирмите мора да даваат и поголеми плати.

Според експертите кои учествуваа на денешниот бизнис-форум во Скопје за подобрување на конкурентноста на економијата, неопходно е да се зголеми државната поддршка на младите за тие да започнат сопствен бизнис. За развој на конкурентна економија потребно е и зајакнување на капацитетите на малите и средните претпријатија за искористување на расположливите ЕУ фондови.

„Искуствата покажуваат дека за жал, прво најдобрите си одат. Тоа е лошо. Второ, за да се задржат младите има два начини: Прво да се покачат платите кај нас во компаниите, посебно кај странските инвеститори коишто вработуваат многу инженерски кадар и средно-технички. И второ, уште повеќе да се форсира самовработувањето и развојот на претприемачкиот дух и младите да започнат сопствен бизнис“, рече Радмил Поленаковиќ, професор на Машински факултет.

Голем проблем кај малите и средни компании во земјава е тоа што немаат доволно капацитет и кадар дури и за да аплицираат за користење на европските пари.

„Често тоа се мали и средни претпријатија коишто имаат само по неколку вработени и тие немаат доволно ниту човечки ресурси, ниту капацитети за да истражат подобро и да спремат предлог-проект, а од другата страна се комплексните критериуми и технички и финансиски кои тие треба да ги исполнат за да ги задоволат бараните критериуми“, вели Александра Каракашова Сачкарска, Експерт за функционирање на претпријатија.

Државата им помага на малите и средни фирми преку Фондот за иновации, Агенција за поддршка на претприемаштвото, но според експертите, за поголема конкурентност на економијата во Македонија неопходно е да воведат нов начин на производство или нови производи.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...