Додека домашната економија речиси стагнира, некои домашни компании билдаат приходи и профити. Податоците од Македонската берза покажуваат дека од почетокот на годината прометот на берзата пораснал за три ипол пати, додека МБИ 10 индексот на десетте најдобро котирани компании, за 24 насто. Од 101 фирма колку што котираат на Македонската берза, 67 оствариле добивка, а 34 работеле со загуба. Најголеми профити набилдале банките, додека најголема загуба е забележана во индустријата.

Падот во градежништвото којшто го регистрираше и статистиката го следат и градежните компании коишто во првите пет месеци работеле со загуба.

Во индустријата пак 21 компанија којашто котира на берзата работела со загуба, додека 20 оствариле позитивни резултати. Успешно работеле осигурителните компании како и земјоделските. Со поголеми приходи и добивки можат да се пофалат и трговските и фармацевтските компании. Но, ваквите податоци, според експертите, не кореспондираат со движењата во економијата. Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, во интервју за 360 степени вели дека нејасно е како за една година Берзата има фантастичен раст, а економијата стагнира.

„Берзата не може да расте 38 отсто нагоре, тоа е вредноста на фирмите на пазарот да речеме, а тие да не испорачуваат дополнителна додадена вредност, на што расте нивната вредност?“, рече Поповски.

Тој е оптимист дека решавањето на разликите околу името ќе откочи продор кон ЕУ и НАТО и ќе ја претвори Македонската берза во посакувана инвестиција. Во првите пет месеци годинава на Берзата се истргувале 95 милиони евра. Доминираат домашните инвеститори, додека странските учествуваат со само 0,6%.

Александра Спасевска

Shpërndaj me