Повеќе од 25 илјади семејства чекаат на носење на Законот за социјална заштита. Активистите за борба против сиромаштијата го повикаа спикерот Талат Џафери да го стави Законот на дневен ред и повеќе ова решение да не се одлага. Придобивките за овие семејства би биле месечно да добиваат од девет до единаесет илјади денари, доколку во семејството има дете кое оди на училиште. Моментално овие луѓе живеат со помалку од 50 евра цел месец.

„Господине Талат Џафери, знам дека сте загрижени за состојбата на парламентарците, дека кога ќе завршат со нивната функција нема да бркаат во контејнери. Сакаме да кажеме дека нашите граѓани кои ја бараат нашата помош, тие бркаат во контејнери и со приходот кој што го остваруваат се казнети со истиот и немаат право да остварат социјална помош“, рече Зоран Биковски, Македонска платформа против сиромаштија.

Активистите велат дека се свесни дека со новиот Закон ранливите категории граѓани нема да ја победат сиромаштијата, но сигурно ќе им биде во голема мера олеснат животот. Но, сметаат дека со законското решение социјалните служби ќе им овозможат на сиромашните граѓани активна вклученост на пазарот на труд.

„Токму оваа социјална реформа треба да воведе социјална сигурност, активација и вклученост на социјално исклучени граѓани. Затоа ние ги повикуваме, и доста беа ветувања, потребно е воведување на социјалните реформи. Сиромаштијата е единствена која ги обединува без разлика на етничка или било каква припадност“, рече Сашко Јованов, Македонска платформа против сиромаштија.

Претседателот на Собранието денеска е во посета на Литванија каде присуствува на ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО. Извори од парламентарната група на ДУИ за Алсат велат дека Законот не е во собраниска процедура бидејќи интегративците сметаат дека содржи недоречености и се уште е во фаза на доработка. Кога ќе се добие конечната форма ќе биде доставен до пратениците.

Инаку, податоците на Платформата за борба против сиромаштијата покажуваат дека околу половина милион луѓе живеат под прагот на сиромаштија. Четиричлено семејство се смета дека е сиромашно ако во текот на годината не надминува вкупни приходи од 164 илјади денари. За поединец пак, сиромав е оној човек кој денот го поминува со помалку од 100 денари за сите потреби.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...