Депонијата „Дрисла“ со решение од Централен регистар од денеска станува јавно претпријатие на Град Скопје, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Градот Петре Шилегов.

– Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. партнери на градот. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник. Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на „Дрисла“ и именување на нов в.д. директор, а по седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари, да бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад, рече Шилегов.

Тој додаде дека по завршувањето на оваа постапка ќе ги повика сите надлежни институции и заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации, сите заинтересирани граѓани поединци да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба во овој сега веќе градски капацитет.

– Град Скопје и јас лично како градоначалник сме гарантот за исправноста на целосното идно работење на „Дрисла“. Во периодот што следува прва грижа на Градот ќе биде „Дрисла“ да стане прва санитарна депонија која ќе применува современи технологии за управување со отпадот и целокупниот нејзин економски потенцијал ќе биде ставен исклучиво во служба на граѓаните, нагласи градоначалникот.

Тој наведе дека се уште не е донесена одлука за в.д. директор на „Дрисла“ и додаде оти во текот на денешниот ден ќе ги заврши сите потребни консултации со луѓето кои се евентуално потенцијални кандидати.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...