Задолжувањето на земјава продолжува со забрзано темпо. Јавниот долг на Македонија на средина од годинава надмина 5 милијарди евра и достигна дури 48 % од предвидениот Бруто-домашен производ за 2018 година. Министерството за финансии веќе обелодени дека негативен тренд има и кај државниот долг кој се искачи на речиси четири ипол милијарди евра или безмалку 40% од БДП. Само во вториот квартал годинава јавниот долг пораснал за 50 милиони, а државниот долг за 30 милиони евра. Но, премиерот Заев вели дека парите од задолжувањата се користат продуктивно, а за ребаланс – вели – сè уште е рано да се размислува.

Овие задолжувања како и претходните во најголем дел се за финансирање на доспеани долгови и за дофинансирање на државниот дефицит. Апсолутно се држиме во рамките на буџетот и сè уште буџетот не покажува индиции за ребаланс – изјави Зоран Заев – Премиер на Република Македонија.

Од друга страна пак, ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од премиерот за што се трошат парите во време кога има слаба реализација на капиталните инвестиции и кога е сè пореално дека не е достижен предвидениот економски раст на власта од 3,2%.

Секој ден изминативе 3 месеци јавниот долг се зголемува над половина милион евра поточно за 580.645 илјади евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.823 илјади евра – рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку пред само неколку дека агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ објави дека рејтингот на Македонија е ББ со позитивен изглед , но и оти растот на економијата нема да биде според очекувањата на Владата.

Иле Петрески

Shpërndaj me