Ниту едно јавно претпријатие во земјава нема одредена јасна процедура како го врши изборот на членовите на управните и надзорните одбори. Наодите на најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации покажува дека не е јасно кој ги предлага кандидатите. Невладината институција заклучува дека е јасно оти тие списоци се прават во партиските штабови и на тој начин се партизира јавниот сектор. Овие институции се гледаат како места за добивање на хонорар плус или за дополнителна заработка на партиските кадри.

„За член на управен и надзорен одбор кој може да одлучува за милионски зделки во дадени ситуации, не постои никаква транспарентност и никаква гаранција дека вистинските луѓе се наоѓаат на вистинските места. И секако тоа значи дека има отсуство на контролни механизми внатре во самите претпријатија дека одлуките се согласно законот“, рече Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.

Невладиниот сектор предлага да се донесат подзаконски акти со кои прецизно ќе се дефинира и уреди изборот на членови на управни и надзорни органи. Но и во законот за Јавни претпријатија да се допрецизира што значи фразата „афирмирани стручњаци од областа“ затоа што има случаи раководител на бензинска пумпа, златар или фризерка да бидат именувани како членови на управен одбор во државно претпријатие.

„Во Законите за трговски друштва и за Јавни претпријатија да се направи мала интервенција во која ќе се нагласи дека, изборот на членовите на управен и надзорен одбор се регулирани со подзаконски акт и таму да се прецизира една процедура согласна на ова сегашно време, а тоа е да кажам да се објави јавен оглас за членови и луѓето кои се квалификувани да се пријават и да се направи едена селекција на најдобрите“, додава Факиќ.

Истражувањето покажало дека поголемиот дел од членовите на управните и надзорните органи добиваат месечен хонорар, а помал дел земаат дневница по секоја одржана седница. Претседателот на надзорниот одбор на МРТВ добива по 27 илјади денари на месечно ниво, а во Одборот на директори на Јавното претпријатие за стопанисување на станбен и деловен простор добиваат највисоки хонорари од 20 илјади денари. Претседателот добива 24 илјади без разлика дали во месецот имало една две или пак ниту една седница.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...