Граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 30 до 89 дени за нафтените резерви. По оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра. Од овие пари, со децении ниту еден денар не добиваат компаниите кои што ги чуваат државните резерви. Трите компании Макпетрол, Лукоил и ОКТА кај кои државата ги складира резерви на нафта и нафтени деривати, со години бараат од Владата да почне да им плаќа надоместок.

„Сите компании кои чуваат резерви никогаш немаат добиено никаков надоместок. Не само што ги чуваме резервите ‘гратис’ бидејќи нема друг капацитет каде што би можеле да се чуваат, туку и во нашите договори не е прецизиран рок до кога имаме обврска да ги чуваме, што е апсурдно. Начинот на кој добиваме ‘компензација’ за чување на резервите е застарен, потекнува од времето на СФРЈ и вели дека компанијата која ги чува резервите ‘има право да користи до 30% од нив во текот на годината под услов тие во целост да бидат вратени до 31.12“, изјави Јанис Геруланос, Главен извршен директор на ОКТА.

Според директорот на ОКТА, за нафтените компании овој Закон нема вредност затоа што ризикот кој тие го преземаат е голем ако цените на дериватите се зголемуваат. Затоа во последните две години трите фирми одбиваат да учествуваат во јавните повици за чување на државните нафтени резерви, што претставува проблем за државата. Во моментов има само 65 отсто од законски пропишаните резерви на нафта и нафтени деривати. Од Дрирекцијата за задолжителни нафтени резерви вели дека за да им се плаќа надоместок, тоа треба да го одлучи Владата со уредба на предлог на Министерството за финансии.

„Така да компаниите не треба да се плашат од ова бидејќи надоместокот за нив може да се среди со правилник кој може да се направи и со стариот Закон кој што е на сила денеска може да биде и ќе биде понатаму. Со правилникот поставен од владата може да се направи надомест независно по која цена ќе се одреди владата и по предлогот на Министерството за финансии“, рече Уљуси Бекири, директор на Дирекција за задолжителни нафтени резерви.

Од министерството за финансии за овој проблем засега нема став. Според проценките на компаниите, трошокот за чување на државните резерви на нафта е од 3-4 милиони евра годишно.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me