Владата сѐ уште не ги носи мерките кои им се најпотребни на граѓаните и компаниите. Се уште нема директна финансиска помош од државата, а нема ниту одлука за замрзнување на плаќањето на режиски трошоци, ниту пак одложување на ратите за кредити. На прашањето на Алсат, зошто се уште на владина седница не се ставени предлозите на Заев како што се минималната плата за сите административци, од Владата добивме одговор дека работат транспарентно и во корист на граѓаните.

„Владата е во секојдневно заседавање и носи одлуки согласно потребите за спречување на ширењето на епидемијата и согласно проценките за  мерки за намалување на штетите врз економијата. Владата до сега донесе повеќе економски мерки за кои редовно ја известивме јавноста, а после носењето на секоја следна економски мерка граѓаните ќе бидат веднаш известени“, велат од Владата.

Пред четири дена претседателот на СДСМ Зоран Заев предложи пакет економски мерки вреден 200  милиони евра. Лидерот на владејачката партија од Владата побара сите вработени под државна капа кризниов период да добиваат 14.500 денари плата. Но и сите компании погодени од корона вирусот да добијат нето минималец по вработен. Заев денеска вели дека меѓународните финансиери може да ни дадат само половина од сумата која ни е неопходна за пребродување на состојбата во економијата.

„Очекувањата на наплатата на приходите се помеѓу 30 и 40 проценти. Значи околу 60 проценти ќе недостасува. Триесет проценти ќе ги надоместиме ако обезбедиме кредити повеќе од една милијарда и двесте милиони евра. А во моментов ни нудат не повеќе од 600 милиони евра. Еве и да обезбедиме милијарда и двесте за останатите 30 отсто ќе мора да се крати и да се штеди“, рече Заев.

Од ДУИ, коалициониот партнер на СДСМ во Владата, добивме уште една потврда дека нема да прифатат дел од предлог мерките на Заев. Велат дека нема да дозволат платите на административците да бидат намалени на минималец. Извори од паријата за Алсат велат дека се прават анализи и пресметки околу реалната вредност на потрошувачката кошничка на едно семејство.

Владата досега донесе одлука да субвенционира половина од придонесите за вработените од секторите туризам, угостителство и транспорт. А обезбеди и 12 милиони евра безкаматни кредити за стопанството. Опозицијата обвинува дека власта доцни цели две недели со конкретни мерки и сега велат дека граѓаните ќе ги плаќаат високите камати од задолжувањата на власта.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...