Политичката нестабилност нема да го намали извозот, но ако потрае тогаш ќе се намалат инвестициите на компаниите во нови капацитети и освојување на нови пазари. Стопанската комора на Македонија очекува брзо решавање на политичката ситуација за да продолжи оптимизмот кај бизнисот, а со тоа и раст на економијата.

„Не гледаме дека политичка ситуација и ако Македонија влезе во политичка криза би влијаело на извозната активност на компаниите…. Но, сите се надеваме во Стопанската комора и компаниите дека брзо ќе го надминеме овој период и ќе се продолжи со оптимизмот“, рече Григор Цветанов, претседател на Клуб на извозници.

Од Стопанската комора апелираат до домашните компании да се отворат кон нови пазари бидејќи тоа единствен начин за нивен раст. Само 5% од компаниите коишто работат во Македонија се извозници, а само 3% од нив извезуваат на европските пазари.

„Причините за тоа ги лоцираме во ограничените можност како финансиски така технички и кадровски можности на малите и средни претпријатија кои што условуваат овие компании да имаат ограничен или речиси никаков ‘know-how’ за тоа што е потребно да се пристапи на некој странски пазар“, изјави Татјана Штерјова, Стопанска комора.

Според Комората, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, а најголем потенцијал гледаат во прехранбената, металната индустрија и фармацијата. Во Македонија само 3.500 компании се извозници, а 81% од нив се микро и мали. Лани Македонија оствари извоз над пет милијарди евра што е најголем пораст во изминатите 10 години. Најмногу извезуваат големите компании од слободните економски зони.

Loading...

Shpërndaj me