Вистински хаос се случувал синоќа во болницата за дијализа во Струга. Поради прокапување на кровот, таваните прокиснале, водата се собираше со кофи, а пациенти во кревети беа изнесувани во ходникот. Сето тоа како резултат на синоќешниот пороен дожд во регионот. Ова може да се види од аматерското видео кое денеска кружи по социјалните мрежи.

„Често се случува ова…. Малку појак дожд и има проблеми секаде. Со кофи, со канти, со легени се собира. Се случува во некоја соба да има болни, па да мора тие да реагираат“, реагира еден пациент.

И денеска се гледаа траги од влажните тавани и ѕидови.

„Ходниците и новите соби се сите прокапани и таму сега нема пациенти. Треба да се направи нешто. Ова е стварно како хорор….“, вели еден пациент.

„Секако дека треба да се подобри состојбата. На пример, прокапуваше вода во рендген-собата и рендген-апаратот видов дека во дефект…“, сведочи поранешен вработен во болницата.

Директорот на болницата, Александар Попоски вели дека станува збор за стар проблем кој се провлекува повеќе години. Владата и министерството за здравство биле информирни за него. Во април бил распишан тендер за целосна реконструкција на кровот, но бил поништен.

„Кровот е во лоша состојба на повеќе страни. Пробавме со една делумна реконструкција, но тоа не е доволно…. Преземени се сега сите мерки и онаму каде што прокапуваше, исклучена е струјата“, рече директорот Поповски.

Инаку, болницата е изградена 1984 година и во неа се лекуваат бубрежно болни пациенти од цела Македонија, но и од соседна Албанија. Алсат праша во Министерството за здравство зошто тендерот за изградба на новиот кров бил поништен и кога планираат овој проблем да се реши. Одговор оттаму не добивме.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...