Децата koi сакаат да слушаат музика на преносни уреди со помош на слушалки (паметни телефони, таблети) се изложени на се почест ризик да го изгубат слухот – се вели во една неодамнешна студија.

Истражувачите ги проучиле резултатите од испитувањето на слухот на 3316 деца на возраст од 9-11 години, а нивните родители ги испитале за поплаките и желбите на децата, за тоа колку често користат слушалки и колку слушаат музика.

Откриено е дека кај 443 деца или 14% од испитаните, постојат потешкотии со високи фреквенции. Губењето на слухот за високи фреквенции, особено кај младите е поврзано со изложеноста на бука.

Децата кои употребувале преносни уреди за да слушаат музика еден или два дена во неделата имаат повеќе изгледи да доживеат губење на слухот од оние деца кои воопшто не користат такви уреди.

Лидерот на студијата Д-р. Карлион ле Клерк од медицинскиот универзитетски центар Еразмус во Ротердам, тврди дека овие сознанија се важни поради тоа што губењето на слухот е неповратно.

Од децата опфатени во студијата 1244 или 40% никогаш не употребувале преносни уреди за да слушаат музика, 19% од нив користеле еднаш до два пати неделно, додека околу 8% од нив користеле барем три пати неделно.

Поголемиот дел од децата немале никакви симптоми врзани за нивниот слух. Дури и од децата кои го изгубиле слухот од високи фреквенции само 7% од нив наведуваат дека симптоми имаат понекогаш или често.

Научниците ја нагласуваат и можноста дека некои помлади деца можеби го изгубиле слухот за високи фреквенции поради хронични воспаленија на ушите.

“И покрај ограничувањата на студијата, резултатите покажуваат дека родителите треба да бидат внимателни за тоа како нивните деца користат слушалки”, вели Кевин Франк од Медицинскиот факултет Харвард во Бостон. “Родителите ќе треба да го ограничат времето на користење. Музиката може да биде прегласна доколку нивните родители можат да слушаат и покрај слушалките”.

Студијата е објавена во списанието JAMA Otolaryngology-Head and Neck Surgery.

Извор:Енаука.мк

Shpërndaj me