Вработените во образованието денеска, според најавите, треба да знаат кога ќе го добијат новото покачување на платите, за кое Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) инсистира да почне од 1 јануари, а не од април 2020 како што им понуди Владата.

Во 11.30 часот денеска во просториите на Министерството за образование и наука е закажана средба на министерот Арбер Адеми со претставници на СОНК. Адеми и претседателот на Синдикатот Јаким Неделков вчера најавија дека денеска може да се очекува конечната одлука, а СОНК одлучи и штрајкот најавен за понеделник  (11 ноември) да го стави во мирување додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.

Најверојатно, покачувањето ќе остане на предложените 10 проценти, иако СОНК на почетокот бараше тоа да биде пропорционално со процентот на зголемувањето на минималната плата.

Адеми вчера изјави дека уште во текот на денот ќе има јасна слика за можностите и, како што рече, „до каде можеме и што можеме во врска со покачувањето на платите на просветните работници“.

Министерот го посети СОНК додека заседаваше неговиот Совет околу одржувањето на штрајкот и по средбата изјави дека сè уште не утврдиле финален став за, како што рече, „поместувањето на моментот“ на кој ќе се базира идното, трето покачување на платите.

– Се прават напори за обезбедување на потребните средства. Ова не се празни фрази, туку силна заложба да се најде заедничко прифатливо решение, нагласи министерот за образование и наука и посочи дека сега се разгледува опцијата наместо од април, да се обезбедат средства за зголемувањето на платите од јануари, како што бара СОНК.

За денеска ги повикал претставниците на СОНК на „последна рунда преговори“ во просториите на МОН за да разговараат за ставовите.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков претходно соопшти дека штрајкот на просветните работници е ставен во мирување до конечната понуда од Министерството за образование и наука, образложувајќи дека мирувањето е врз основа на анализите дека за зголемување на платите на МОН му се потребни уште неколку дена.

МИА

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...